|
Средба со г. Франк Хеемскерк, Извршен Директор во Светска Банка
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Франк Хеемскерк, Извршен Директор во Светска Банка.
На средбата беа разменети мислења и информации за соработката меѓу Република Македонија и Светската Банка во реализацијата на проекти и програми поддржани од Светската Банка. Во таа насока, претседателот Иванов го истакна значењето на проектите и програмите на Светската Банка, со цел поттикнување на економскиот раст и развој на земјата.
Осврнувајќи се актуелната политичка состојба во земјата, претседателот Иванов рече дека одржувањето на кредибилни избори ќе бидат дополнителен стимул за продолжување на реформските процеси во државата, враќање на политичката стабилност, динамизирање на активностите во насока на ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија, како и натамошен поттик за поголем раст и развој на македонската економија и стопанство.
Претседателот Иванов и г. Хеемскерк разменија мислења за улогата на Република Македонија во реализацијата на иницијативата „Идеи за акција", како практична реализација на Одржливите развојни цели на Обединетите Нации. Клучна улога во реализацијата на иницијативата имаше Школата за млади лидери, што се одржува по иницијатива на претседателот Иванов, каде беа развиени 40-тина иновативни идеи кои ќе бидат дел од натпреварот на „Идеи за акција" 2016/17. Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека годинава учесниците на Школата развиваа проекти за одржлив развој, за унапредување на јавната администрација, за инфраструктурни, образовни и здравствени прашања, за зголемување на вработеноста и намалување на сиромаштијата, и истите ќе бидат доставени до сите заинтересирани страни за што поуспешен развој и реализација.
|