Одбележување на 7 годишнината од смртта на Претседателот Борис Трајковски
Сабота, 26 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Ротимље присуствуваше на одбележувањето на седумгодишнината од смртта на Претседателот Борис Трајковски, кој заедно со своите соработници и членови на екипажот загина во авионска несреќа во близина на Мостар.

Со смртта на Трајковски не загуби само Македонија. Регионот загуби атипичен државник и лидер. Претседател кој беше почитуван од сите негови колеги и државници не само во регионот, туку и многу пошироко, истакна Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во своето обраќање на одбележувањето на годишнината од трагичното загинување на Претседателот Борис Трајковски.


Претседателот Иванов подвлече дека Претседателот Трајковски ја водеше земјата низ еден многу турбулентен период во регионот кој се уште живееше во знакот на поделбите и конфликтите, и со своето лидерство придонесе Македонија и нејзините граѓани побезболно да минат низ најтешкото премрежје од независноста на државата. Напуштајќи го овој свет Борис Трајковски ни остави и завет. Да продолжиме по неговиот пат во градењето на демократска и европска Македонија. И ќе продолжиме по тој пат. Тоа му го должиме нему, на македонскиот народ и на Македонија. Верувам дека само така ќе ја оствариме неговата визија за подобра Македонија, додаде претседателот Иванов, кој ја предводеше делегацијата што му оддаде почит на Претседателот Трајковски и на осуммината загинати членови на Кабинетот и на авионскиот екипаж, во месноста Ротимље, близу Мостар.

На церемонијата, освен Претседателот Иванов, свое обраќање имаа градоначалникот на Мостар Љубо Бешлиќ и премиерот на Херцеговско-неретванската жупанија Среќко Борас, по што беа положени и венци на спомен обележјето поставено во чест на трагично загинатите. Тие во своите говори нагласија дека трагично загинатиот македонски претседател бил драг и почитуван пријател на БиХ и на Мостар, кој во текот на своето политичко работење градеше мостови на соработка кои ги поврзуваа народите врз темелите на почитување на мирот и толеранцијата.

По завршувањето на церемонијата во изјава за медиумите Претседателот Иванов рече дека истрагата за несреќата близу Мостар во која загина Претседателот Трајковски не е завршена за македонските власти. Формирана е комисија која ги собира сите можни документи и соработува со сите фактори - изјави Претседателот Иванов во Ротимље.

  Back<<Назад