Работна посета на Босна и Херцеговина
Петок, 25 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна работна посета на Босна и Херцеговина по повод одбележувањето на седумгодишнината од трагичната смрт на Претседателот Борис Трајковски кој заедно со своите соработници и членови на екипажот загина во авионска несреќа во близина на Мостар.


Македонскиот претседател д-р Ѓорге Иванов денеска во Мостар оствари билатерални средби со Претседателот на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ и со претседавачот на Претседателството на БиХ, Небојша Радмановиќ.



За време на двете средби доминираа темите од внатрешно-политичките и економските состојби. Тројцата соговорници констатираа дека бавната евроатлантска интеграција на целиот регион и последиците од глобалната економска криза се причините за актуелната состојба на политички и економски план во повеќе земји од регионот. На средбите беше истакната дека балканските земји мора да ја зајакнуваат економската соработка и да се користат бенифитите од ЦЕФТА договорот. Заеднички заклучок и на двете средби беше дека „единствената алатка која може да ги придвижи општествата кон прогрес е брза евроатлантска интегрција на целиот регион“.



Претседателот Иванов на средбата со Претседателот Јосиповиќ, разговараше за желбата и интересот на Македонија да стане полноправна членка на Јадранско-јонската иницијатива, каде освен Хрватска, членуваат и Грција, Италија, Словенија, Црна Гора, Албанија и Србија. Ова е иницијатива, која годинава се очекува да биде поддржана од Европскиот совет и тоа со обезбедување финансиски средства за конкретни проекти кои се однесуваат на животната средина, за пристапот кон пристаништата, и слично.




Претседателот Иванов на  манифестацијата на весникот „Вечерњи лист“, која се одржува под мотото „Печат за Европа“ , доби посебно признание за придонес во стабилизацијата на односите во регионот и за неговата улога во развојот на регионалната соработка.

  Back<<Назад