|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари работна посета на општина Боговиње. Во рамки на посетата Претседателот Иванов оствари средба со градоначалникот на општината, Хазби Идризи и со дел од општинската администрација, го посети стопанскиот објект „Фриготехна“, една од поголемите приватни компании во оваа општина, и присуствуваше на Денот на албанскиот наставник - 7 Март што се одбележа во ОУ „Сабедин Бајрами“ во селото Камењане.
Претседателот Иванов на средбите со соговорниците разговараше за темите од интерес на Општината, можноста за вложување и развојот на индустриските зони кои се во склоп на Боговиње. Претседателот Иванов по посетата изјави дека e импресиониран од она што го прави приватната иницијатива и потенцијалите што се нудат од страна на оваа општина.
 На новинарско прашање за можноста од предвремени избори, Претседателот Иванов изјави дека 2011-та требаше да биде година на сериозни одлуки кои ќе придонесат за раздвижување на процесот на евроатлантската интеграција на Македонија, меѓутоа сега кога е создадена состојба од одредени политички актери дека мора да се оди на избори, сметам дека на изборите треба да учествуваат сите бидејќи изборите се моментот кога граѓаните ја предаваат власта. Очекувам одговорно однесување од секој политички актер во Македонија и апелирам до сите, кога и да се изборите, да се однесуваат одговорно, затоа што во последно време слушаме лица со помрачени умови ни продуцираат мрачни сценарија за изборите. Изборите се период кога мора одговорно да се однесуваме сите, а веќе покажавме дека можеме да организираме избори според сите стандарди, изјави Претседателот Иванов.
 Во врска со пописот и неговото можно одложување, Претседателот Иванов изјави дека доколку биде донесена одлука за предвремени избори, одлуката за одложување на пописот треба да биде донесена од надлежните институции, меѓутоа е невообичаено и двете активности да се спроведат истовремено.
Околу предлогот за гувернер на Народна банка на Република Македонија, Претседателот Иванов рече дека е во интензивни консултации со претставници од коморите, наставниот кадар и професорите на соодветните универзитети и факултети, како и со банкарите, најавувајќи оти деновиве ќе го предложи својот кандидат до Собранието на Република Македонија.
|