|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република, на покана на чешкиот Претседател Вацлав Клаус.
Претседателот Иванов оствари средба со Претседателот Клаус на која се разгледаа меѓусебните односи на двете земји при што ги оценија како добри, без отворени прашања, но со можност тие да се продлабочуваат, особено во економската сфера. Не е доволно да се негува пријателството само на ниво на претседатели и влади, туку тоа треба да се продлабочува на повеќе полиња, особено на економски план, изјави Претседателот Клаус по средбата. Претседателот Иванов изјави дека во таа насока е и денеска потпишаната спогодба за соработка во областа на образованието, науката, од која корист ќе имаат младите генерации на двете земји на кои ќе остане да го продлабочуваат заемното пријателство.
 Чешката Република ја поддржува интеграцијата на Македонија во Европската унија. Жал ни е што евроинтеграциите се попречени од друг, што не е добро. Мислиме дека е недостојно вака важни прашања да бидат блокирани поради спорот за името од страна на Грција. Треба да се почитува името на државата, онакво какво што е, и какво таа ќе си го одреди, изјави Претседателот на Чешката Република Вацлав Клаус и додаде дека Европската унија со улогата што ја има денес, не смее да седи по страна и немо да набљудува додека Грција ја спречува Македонија во нејзините евроинтеграции. Претседателот Клаус подвлече дека е обврска на ЕУ да се потруди да најде некакво решение, кое ќе биде паметно и прифатливо.
 Претседателот Иванов се согласи со Претседателот Клаус дека е потребно побрзо решавање на дводеценискиот спор што Грција го има со нашето име, поради што смета дека ЕУ би можела да го примени моделот за решавање на хрватско-словенечкиот билатерален спор и да нема двојни аршини за различни земји. Во контекст на процесот кој се води под покровителство на ОН, Претседателот Иванов во пресрет на утрешната средба на медијаторот Метју Нимиц со грчкиот и македонскиот претставник, изрази очекување дека таа ќе биде конструктивна. Македонија во процесот што се води во рамките на ОН секогаш била конструктивна и така приоѓала на сите предлози и сугестии и особено го почитувала мислењето на посредникот Метју Нимиц. Македонскиот претставник утре ќе ги пренесе ставовите на државниот врв. Ние навистина очекуваме овој дводецениски спор да има разрешница, бидејќи поради него ние сме блокирани и за членство во НАТО и во ЕУ, рече Претседателот Иванов.
|