Средба со лидерите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија
Понеделник, 07 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска организираше средба на која присуствуваа Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски и лидерите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија.

Повод за свикување на оваа средба беше отворен разговор за актуелните настани на политичката сцена со особено внимание врз функционирањето на демократските институции.

Претседателот Иванов го оцени како позитивно присуството на лидерите кои учествуваа на средбата. Секако дека сите не можеме да имаме исти ставови, исти позиции за точките кои беа на дневен ред. Тоа укажува дека во услови на демократија секој ги застапува своите ставови, но исто така е и одговорен за своите позиции и постапки, изјави Претседателот Иванов по средбата. Претседателот оцени дека е добро што се отвориле прашањата и што се разговарало за нив и рече дека преку политички дијалог треба да се дојде до решенија. Целта беше преку отворен дијалог на сите релевантни политички субјекти во државата да се најде решение и да може сите институции да функционираат со полн капацитет, изјави Претседателот Иванов.

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски по средбата изјави дека искажал подготвеност во Парламентот да се разговара за сите прашања и повторно апелираше пратениците да се вратат во Собранието. Ги замолив сите политички лидери да придонесат со својата активност пратениците да се вратат во Собранието, да разговараме за сите оние прашања кои се предмет во надлежност на Собранието на Република Македонија. Не смеам и не сакам да дозволам Собранието да биде заложник на работата на другата власт, како што е судската власт, изјави Вељаноски. Претседателот на Собранието ја прифати препораката на Претседателот Иванов, низ институционален разговор во рок од еден месец да се детектираат проблемите од надлежност на Собранието. Истовремено апелирав пратениците да се вратат во Собранието и да продолжиме со редовното работење бидејќи тоа им го должиме на граѓаните, изјави Вељаноски и додаде дека со институционално решавање на проблемите ќе испратиме силна порака и до граѓаните и до меѓународната заедница.


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата на Република Македонија Никола Груевски по средбата нагласи дека опозицијата не сака предвремени избори. Ни беше укажано дека не сакаат да разговараат за избори доколку не се прифати предусловот Владата да се вмеша во судството и да се вмеша кај обвинителот. Дури и да дојде до избори опозицијата би ги бојкотирала, изјави Груевски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека од опозицијата сметаат оти е легално Владата да влијае на судството и обвинителот да ги повлече сите негови барања од судот и дека се додека тоа не се случи нема да одат на избори. Тоа е уште еден аргумент дека сето ова се случува не за да се предизвикаат предвремени избори, туку случајно да не дојде до предвремени избори по иницијатива на партиите кои се во власта. Нагласија дека доколку не се оствари предусловот за вмешување во судството и доколку дојде до избори под било какви околности тие би ги бојкотирале, што значи би направиле нова штета на државата, изјави премиерот Груевски. Очекуваме опозицијата да се врати во нормалните текови на работење, да престане на овој начин да прави штета на државата и на сите граѓани. Ваквото нејзиното однесување ќе донесе штета на целата држава, за евроатлантските интеграции, за извештаите, како и за имиџот на Република Македонија, порача Груевски и нагласи дека единствен одговорен потег во овој момент би било да ја прифатат иницијативата на државата, прифатена и од Претседателот на Собранието и по нормален тек да се расправа за сите работи.

Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски изјави дека лидерската средба била неуспешна. Добро е што се одржа оваа средба, лошо е што заврши без резултат, истакна Црвенковски и најави дека доколку не се исполнат нивниот предуслов и познатите услови, нема да се вратат во Собранието на Република Македонија. Според лидерот на СДСМ дискусијата за време на средбата била фокусирана на прашањето дека извршната власт не може и не сака да се меша во работењето на независното судство. Целиот процес на пресметка или откривање на криминалот ако го има во фирмите на „Перо Наков“ тргна со политичка одлука на премиерот. Токму затоа што тој ја донесе политичката одлука и се замеша во независноста на судството, сега е одговорен да се надмине целата ситуација. Тоа јасно го соопштивме и повторивме дека тоа е предуслов за воопшто да се разговара за другите прашања и за наше евентуално враќање во Собранието, изјави Црвенковски. Лидерот на СДСМ како неточни ги отфрли информациите дека СДСМ не сака предвремени парламентарни избори. Сепак, за тоа да се случи бара измени во Изборниот законик, прочистување на избирачкиот список, како и уставен амандман за оневозможување на министерот за правда да биде член на Судскиот совет и на Советот на обвинители. Како нефункционален, Црвенковски го оцени предлогот на Претседателот Иванов за формирање собраниска анкетна комисија која за месец дена би ги проверила сите наоди и би ги соопштила резултатите на Парламентот.

Претседателот на Либерално-демократската партија Јован Манасијевски по средбата изјави дека побарал веднаш да се распишат предвремени избори, но оти не видел расположение за такво нешто ниту кај власта, ниту кај опозицијата. Лидерот на ЛДП оцени дека средбата била целосно неуспешна и оти немало никакви поместувања ниту од страна на владејачките партии ниту од страна на опозицијата.

Лидерот на Нова Демократија Имер Селмани изјави дека власта нема чувство за дебата и да се бара решение за она што е спорно. Теми за кои треба да се разговара според него се пописот, црквата што се гради на скопско Кале и за барања врзани за Уставот.

На средбата која се одржа во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија присуствуваа сите поканети учесници, освен претседателот на ДПА Мендух Тачи.

  Back<<Назад