Учество на Националниот молитвен појадок во Вашингтон
Четврток, 03 Февруари 2011   


Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на 59-тиот Национален молитвен појадок што го организира американскиот Конгрес во Вашингтон.

Во Америка навистина имаме искрен пријател кој ги почитува сите активности што се направени од наша страна за да ги оствариме нашите НАТО аспирации. Се гледа нивната посветеност да придонесат секаде каде што можат за конечно да се најде некое решение за Македонија да ги ужива привилегиите од членство во НАТО, а не само да ги има сите обврски, оцени Претседателот Иванов.

На сите средби со претставници на американската администрација е потенцирано дека Македонија заслужува да биде во НАТО и оти со тоа што се случи на Самитот во Букурешт е сторена една голема неправда. Се надеваме, како што се одвиваат состојбите, дека на некој начин ќе се најде решение. Секоја наша посета, сите средби се токму во функција да се дојде до решение, рече Претседателот Иванов.


На средбите со сите соговорници, девет сенатори и неколку конгресмени кои се добро информирани за се што се случува во целиот наш регион и во Македонија, е разговарано и за актуелните настани во државата и на Балканот, но и за состојбата во Египет за што целосно е мобилизирана американската администрација.

Неформални средби со претставници на администрацијата на САД, на кои станало збор за состојбата во регионот и македонското членство во НАТО низ призмата на спорот за името, Претседателот Иванов имаше и на маргините на молитвениот појадок каде што пред околу три илјади гости од цел свет беше претставен како Претседател на Република Македонија.

На појадокот од Македонија оваа година присуствуваа и министрите за култура и за животна средина Елизабета Канческа - Милевска и Неџати Јакупи, пратениците Влатко Ѓорчев и Христина Рунчева од ВМРО-ДПМНЕ и Славица Гркова од СДСМ, Вилма Трајковска, сопругата на поранешниот претседател Борис Трајковски и претседателот на Врховниот суд Јово Ангеловски.

  Back<<Назад