|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Вашингтон оствари средби со директорот на волонтерската организација Мировен корпус Арон Вилијамс, со сенаторите Бернард Сандерс, Патрик Лехи, Џим де Минт и Џин Шахин, и со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора.
На средбата со директорот на волонтерската организација Мировен корпус Арон Вилијамс, Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што Македонија ја добива од оваа влијателна организација. Претседателот Иванов го покани Вилијамс на посета во Македонија во текот на следната пролет, на која ќе му биде врачен Орден за заслуги на Република Македонија. На врачувањето ќе бидат поканети сите досегашни волонтери на мировниот корпус кои служеле во Македонија. Во моментов во Македонија има 76 волонтери на Мировниот корпус, а нови 40 треба да пристигнат во земјата во септември и да помагаат во развојот на невладиниот сектор. Се смета дека повеќе од 200 Американци во рамки на Корпусот служеле како волонтери од почетокот на програмата во Македонија во 1996 година. Мировниот корпус е формиран со извршна наредба на американскиот Претседател Џон Кенеди во 1961 година. Оваа државна агенција работи на промоција на мирот и партнерството во светот. Од формирањето, вкупно 200.000 лица служеле како волонтери на Мировниот корпус за подобро разбирање меѓу Американците и граѓаните од 139 држави во светот.
 Претседателот Иванов оствари средби со сенаторите Бернард Сандерс, Патрик Лехи, Џим де Минт и Џин Шахин на кои се разговараше за актуелните настани во државата и на Балканот и за македонското членство во НАТО низ призмата на спорот за името.
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов оствари средба и со претставници на Обединетата Македонска Дијаспора, организација која со години ги застапува интересите на Република Македонија во светот и помага за одржување на врските меѓу татковината и Македонците кои живеат во странство.
 Претставниците на ОМД на Претседателот Иванов му ги претставија нивните активности за информирање на претставници на американската администрација, конгресмени и сенатори, за важноста на интегративните процеси за Македонија. ОМД го информираше Претседателот Иванов и за соработката на организацијата со други, сродни организации во Вашингтон. Претседателот Иванов информираше за тековните случувања поврзани со приоритетите на нашата татковина, а особено внимание посвети на проблемот кој Република Грција го има со името на Република Македонија кој ги попречува интегративните процеси со Европската Унија и НАТО. Членовите на ОМД високо ја оценија иницијативата на Претседателот за редовни контакти на лидерите на политичките партии во Македонија, и оценија дека во интерес на Македонија не смее да се влошуваат односите меѓу партиите.
|