|
 Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов престојува во тридневна работна посета на Вашингтон, каде што в четврток ќе присуствува на 59-тиот Национален молитвен појадок што го организира американскиот Конгрес.
Претседателот Иванов денеска имаше обраќање пред Атлантскиот совет во Вашингтон на тема „Зошто на Македонија и е потребно членство во НАТО и зошто Македонија му е потребна на НАТО“.
Претседателот Иванов изјави дека желбата за членство во НАТО е фактор кој го обединува целото македонско општество, независно од етничката, верската и политичката припадност. За тоа зборува и фактот дека над 90 насто од македонските граѓани го поддржуваат членството на Македонија во Алијансата, подвлече Претседателот Иванов и оцени дека односите меѓу Алијансата и Македонија се цврсти затоа што се темелат на взаемна доверба и на повеќе од деценија блиски контакти кои имаат нагорен тренд. Се надевам дека наскоро ќе кулминираат со нашиот заслужен влез во НАТО, истакна Претседателот Иванов.

Осврнувајќи се на прашањето зошто Македонија му е потребна на НАТО, Претседателот Иванов нагласи дека не може да има стабилна Европа без стабилна Југоисточна Европа. Лекциите од минатото покажаа дека не може да има стабилна Југоисточна Европа без стабилна Македонија, а долгорочната стабилност на Македонија зависи од нејзиното членство во клубот на демократски, просперитетни и евро-атлантски нации, рече Претседателот Иванов, додавајќи дека без македонска безбедност и стабилност, безбедноста и стабилноста на Балканот, на регионот на ЈИЕ е тешко замислива.
Со членството на Македонија во НАТО, Претседателот Иванов смета дека би се затворил безбедносниот вакуум кој постои и подвлече дека би биле чекор поблиску кон остварување на своите цели - Европа, цела и слободна, Европа која ги споделува истите вредности.
 Претседателот Иванов укажа на фактот дека во моментов Република Македонија е еднаква по обврските со сите земји-членки на НАТО, но не и по правата и привилегиите што ги носи членството на Алијансата. И сето тоа, нагласи Претседателот Иванов, поради еден ирационален спор. Силно веруваме дека низ дијалог, со зајакната доверба и подобро разбирање, ќе дојдеме до взаемно прифатливо решение. Ние сме подготвени, но потребна ни е и ваша помош, изјави Претседателот Иванов пред раководството на оваа угледна американска тинк тенк организација.
Претседателот Иванов изјави дека за Македонија, иако разочарана што и покрај исполнетите критериуми не успеа да стане членка на НАТО, Алијансата останува приоритет и во тој правец нашата агенда не може да биде засенета или запрена од однесување на една НАТО членка.

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средби и со сенаторите Џон Мек Кејн и Џејмс Инхоф и со помошник државниот секретар Томас Кантримен.
Македонија мора што побрзо да го заземе своето заслужено место во НАТО, порача американскиот сенатор Џон Мек Кејн на средбата со Претседателот Иванов. Сенаторот Мек Кејн ги поздрави одличните односи меѓу Македонија и САД и ја нагласи важноста од членството во НАТО за регионалната стабилност и просперитет, како и улогата на Македонија и нејзиниот придонес за меѓународната безбедност. На средбата со македонскиот претседател, сенаторот изрази благодарност за македонската поддршка во воените мисии во Ирак и Авганистан.

|