|

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и претставници на дипломатскиот кор во Македонија, присуствуваше на традиционалното закројување на лозјата во чест на Св. Трифун на плантажата „Пирава“ на винаријата „Визба“ во Валандово. По свечената црковна церемонија и со симболичното закројување на младите лозови фиданки претседателот Иванов на лозарите им посака добар род и благо грозје .
- Во духот на нашата традиција на овој ден се закројуваат лозјата. Им посакуваме на лозарите бериќетна година, а на винариите квалитетна, изјави пред присутните претседателот Иванов.
-Денеска сум на плантажите во оваа котлина каде што е мојот роден крај, каде често присуствував на ваквите одбележувања како студент, но и како средношколец. Мило ми е да се видам со луѓето кои ги познавам и со кои го поминав детството, рече претседателот Иванов.
Делегацијата високи гости, која ја предводеше претседателот Иванов, меѓу кои Амбасадорот на Руската Федерација, Н.Е. г-дин Шчербак Олег Николаевич, Амбасадорот на Франција, Н.Е. г-дин Жан Клод Шлумберже, Амбасадорот на Обединетото Кралство, Н.Е. г-дин Кристофер Ивон, Амбасадорот на Р.Унгарија, Н.Е. г-дин Ференц Кекеши, како и в.д.Амбасадор на Р.Хрватска г-дин Стјепан Глас ги посетија и погоните на винаријата „Визба“ каде беа запознаени со производните достигнувањата на овој најголем винарски погон во југот на Македонија. Менаџерката на „Визба-Валандово“, Вита Хузјан, заедно со тимот енолози ги претставија пред присутните своите производи, меѓу кои и шесткратниот носител на златни саемски медали, и вторпласираниот во светската селекција на вина, виното „Александар“.
|