|

Во рамки на тридневниот безбедносен форум ГЛОБСЕК 2015 што се одржа во Братислава, Словачка Република, претседателот Иванов оствари повеќе билатерални средби и учествуваше на панел - дискусии чиј општ впечаток е дека на Македонија и е направена неправда во однос на почетокот на преговорите за членство во ЕУ и НАТО.
- Македонија трпи од неодлучноста на Европскиот Совет и отсуството на политики кои даваат резултати и затоа, рече, сите се свесни дека мора нешто да се менува и Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ.
На остварените средби ,претседателот Иванов ги запознал своите соговорници со актуелната состојба во земјава.
- Покрај слабостите што ги имаме во функционирањето на нашата демократија, голема причина е и застојот што го има во Македонија во евроинтеграциите и во НАТО, а сето тоа создава фрустрации и влијае на политичката култура. Македонија мора да добие дополнителна енергија да се придвижи напред во НАТО и во евроинтеграциите, бидејќи однесувањето на една земја членка и во ЕУ и во НАТО создава безбедносен вакум во нашиот регион, кој сега го пополнуваат глобални актери, изјави претседателот Иванов заокружувајќи го учеството на ГЛОБСЕК 2015.
Надоврзувајќи се на безбедносната состојба во земјава, претседателот Иванов ја нагласи подговтвеноста на нашата Армија и рече дека сме најпроверувана Армија во НАТО и пошироко, со 16 Акциони планови за членство, со 24 ротации во Ирак, 19 Авганистан, а со самото тоа истакна Иванов, покажавме деканашите војници се на ист ранг, а некаде и поподготвени од самите земји - членки на Алијансата. Тоа, подвлече претседателот Иванов , кај нас создава големи обврски, а никакви привилегии.
- Неопходен ни е тој безбедносен чадор, каде што сите земји од регионот ќе знаат како да се заштитат од големите предизвици. Поука за нашите политичари е да бидат свесни за опкружувањето и предизвиците кои се случуваат и на Блискиот Исток и на Кавказот и на целиот Балкан, што пак за европските политичари е Бермудски триаголник, порача претседателот Иванов.
Што се однесува до политиките на ЕУ, според претседателот Иванов, единствена успешна политика е проширувањето и ако таа доживее неуспех, се поставува прашањето иднината на самата ЕУ.
Во рамките на форумот, претседателот Иванов оствари средба и со американскиот сенатор Џон Меккејн на која е реафирмиран заедничкиот интерес за натамошно зајакнување на стератешкото партенерство меѓу Република Македонија и на САД. Интеграцијата во ЕУ и во НАТО, нагласил претседателот Иванов, останува стратешки приоритет за Република Македонија и во таа насока се заблагодарил за американската поддршка за аспирациите на земјата за членство во НАТО, изразувајќи истовремено и очекување за нејзино натамошно зајакнување.

Сенаторот Меккејн изразил поддршка за Република Македонија за нејзините евроатлантски интеграции и повторил дека го поддржува ставот на граѓаните да одлучуваат за името на својата држава.
Внатрешно-политичката состојба во Македонија во насока на решавање на кризата и идните активности кои ОБСЕ има намера да ги спроведе преку мисијата во Скопје, беа дел од темите на кои претходно разговараа претседателот Иванов и генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Претседателот Иванов посочи дека недостигот на доверба меѓу разузнавачките и полициските служби во регионот и недоволната размена на разузнавачки податоци за заканите се основни елементи за регионална безбедносна нестабилност.
Заниер изразил поддршка за иницијативата на претседателот Иванов за формирање регионален контратерористички центар за закани од насилен екстремизам и радикализам и заканата од странски терористички борци и програмите за дерадикализација и контрарадикализација. Тој искажал подготвеност за поддршка и за активности со програми за тренинг и едукација во јакнење на капацитетите на органите за прогон во Македонија кон борбата против формите на транснационалниот организиран криминал со акцент на сузбивањето на илегалната миграција и организираните криминални мрежи.

|