|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вечерва во Скопје присуствуваше на традиционалната ифтарска вечера во организација на македонско – турската комора МАТТО.
Обраќајќи се пред присутните претставници на јавниот и политичкиот живот, дипломати, бизнисмени и претставници на граѓански асоцијации и здруженија, претседателот Иванов рече дека рамазанските пости го означуваат духот на вековната традиција на исламот во Република Македонија.
"Мило ми е што денес сум на ифтарската вечера организирана од МАТТО – Стопанската комора на Македонија – Турција која како организација претставува економски, но и културен мост меѓу Македонија и Турција. Токму успешната економска соработка е израз на актуелните потреби, но и одраз на традиционалните врски, заемното почитување и пријателството. А македонската традиција, пак, е втемелена врз искуството на нашето многуетничко, многурелигиско и многујазично општество, кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу сите религии на нашиот простор. Традиција што создаде цврсти пријателства меѓу луѓе од различни религии. Традиција која претставува наша голема придобивка со која се гордееме", истакна претседателот Иванов во своето обраќање.
"Рамазан е месец во кој не мислиме само на себе и на нашите потреби, туку и на другите, на нашите соседи, роднини и пријатели. Во овие мигови на празнување посакувам кај сите верници од исламската вероисповед да преовладува чувството на мир, љубов и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат и ги поврзуваат, а не ги разделуваат луѓето и народите. Уште еднаш, вам, и на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, ви ги честитам рамазанските пости", рече претседателот Иванов во своето обраќање на вечерата.
|