Коледе во домот на претседателот Иванов
Вторник, 06 Јануари 2015   

_1Во пресрет на големиот христијански празник Божик, коледари ученици од второ одделение при Државниот музичко-балетски училишен центар „Илија Николовски-Луј" денеска ја посетија резиденцијата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Малите балерини ја испеаја коледарската песна, изведоа пригодна програма за претседателот Иванов, сопруга г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, а од нив беа почестени со новогодишни пакетчиња.

Г-ѓа Маја Иванова нагласи дека ја продолжуваат традицијата нивниот дом како и секое православно семејство да биде отворен за коледарите - предвесници на Христовото раѓање.

„Денеска наши гости се учениците од нижото балетско одделение при Државното музичко-балетско училиште во Скопје. Со својата насмевка на лицата, со својата кореографија и костимографија внесоа радост среќа и убавини во нашиот дом во пресрет на големиот христијански празник Божик. На сите православни христијани им посакувам да имаат најубава Бадникова вечер. Нека Христовата светлина внесе радост, убавини и неизмерна среќа во нивните домови. Да бидат исполнети само со позитивни мисли и весели моменти", порача г-ѓа Иванова честитајќи го Божик на сите што го слават.

Согласно традицијата семејството Иванови на бадникова вечера ќе кршат лепче со паричка. Г-ѓа Маја Иванова рече дека минатата година паричката се паднала во куќата и им донела среќа на сите, и додаде дека таа сепак е најзадоволна со успесите на синот Иван, кој лани дипломирал и се запишал на постдипломски студии.

Традицијата коледари да ја посетуваат резиденцијата на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов е востановена во 2011 година.
kolede2

  Back<<Назад