Децата со посебни потреби од ПОУ „Св. Климент Охридски“ во домот на Иванови
Среда, 03 Декември 2014   

3dekПретседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов со сопругата г-ѓа Маја Иванова и синот Иван, во својот дом примија ученици од посебното основно училиште „Св. Климент Охридски" од Ново Село, по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со хендикеп.

Во пријатна атмосфера, учениците од ПОУ „Св. Климент Охридски" се дружеа со Иванови, имаа можност да го разгледаат нивниот дом, и рецитираа песнички подготвени за оваа прилика.

Во рамки на акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина", Иванови и учениците засадија дрвца во дворот на „Вила Македонија".

„Во нашиот дом престојувале голем број деца по различни поводи, така ќе биде и во иднина, нашиот дом ќе биде отворен за деца на кои што им е потребно внимание, на кои што им е потребна љубов на кои што им е потребно охрабрување, разбирање но и на деца кои што постигнуваат успеси, во нашата земја или надвор од нашите граници. Денеска во нашиот дом гости се децата од посебното основно училиште „Св. Климент Охридски" од Ново Село. Поводот за нивното доаѓање е одбележувањето на 3 Декември, Меѓународниот ден на хендикепираните лица. Денеска сакам да порачам дека овие лица ги имаат истите права ги имаат истите цели, истите желби како и сите ние. Како што и моето дете го има тоа право, тоа го имаат и овие деца што се денеска овде. Не случајно се рекло дека, тогаш кога силниот ќе додаде рака на послабиот, тогаш кога здравиот ќе подаде рака на болниот, моќниот на немоќниот, тогаш можеме да зборуваме за еден праведен и хуман свет. Денеска ја искористивме и оваа прилика да се вклучиме симболично во акцијата Ден на дрвото, акција што и ние семејно ја поддржуваме уште од самиот нејзин старт и еве со овие дечиња ја засадивме нашата зелена иднина во дворот на нашиот дом, посадивме нови дрвца и ја поддржавме акцијата по која што Македонија е препознаена не само во регионот, пошироко во Европа па дури и во светски рамки", изјави г-ѓа Иванова.
3dek1

  Back<<Назад