Официјална посета на Заменик претседателот на С.Р. Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Зоан
Вторник, 02 Декември 2014   

vietnam1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска беше домаќин на Заменик претседателот на Социјалистичка Република Виетнам, г-ѓа Нгујен Ти Зоан, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Односите меѓу Република Македонија и Социјалистичка Република Виетнам се карактеризираат со пријателство, почитување, заемна доверба, но недостига конкретна содржина особено во сферата на економската соработка, за чиј развој двете земји во иднина треба да создадат преуслови, оценија денеска македонскиот претседател и заменик претседателот на Виетнам.

„Имавме мошне конструктивни и корисни разговори. Се согласивме дека односите меѓу двете земји во изминатите 20 години, иако со скромен политички дијалог, недоволна конкретна содржина во соработката, сепак, се карактеризираат со пријателство, меѓусебно почитување и доверба", рече претседателот Иванов. Додаде дека потврда за пријателските односи е и фактот што Виетнам го користи уставното име на Република Македонија и на билатерален и на меѓународен план. Претседателот Иванов, информираше дека на денешната средба со г-ѓа Ти Зоан се договориле во наредниот период со заемен ангажман да се надомести пропуштеното, да се интензивира политичкиот дијалог и да почне да се гради правната рамка со што на соработката меѓу двете земји ќе и се даде конкретна содржина. „Денеска правиме значаен чекор во таа насока, со потпишувањето на Договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји. Очекувам во наредниот период интензивирање на контактите и максимална посветеност на искористувањето на сите можности за зајакната економска соработка како прв приоритет во нашите односи. Со натамошното унапредување на договорната рамка ќе се отворат перспективи за соработка и во останатите сфери од взаемен интерес во образованието, културата, здравството", изјави претседателот Иванов.

vietnam_4Г-ѓа Ти Зоан се согласи со ставот на претседателот Иванов дека е потребен ангажман на двете земји за развој на односите во иднина. „Претседателот Иванов и јас се согласивме дека двете земји треба да продолжат да одржуваат редовна размена и посети на сите нивоа, да работат на унапредување на соработката во областа на економијата, образованието, културата, туризмот, со цел ефикасно спроведување на потпишаните документи за соработка во областа на трговијата и инвестициите", рече Ти Зоан. Таа додаде дека е потребно да се создадат подобри услови за бизнисмените и инвеститорите, за истражување на пазарот и особено областите кои на двете земји им се силни страни, како што се рударство, прехранбена индустрија, земјоделство, градежништво, транспорт и услуги.

Г-ѓа Ти Зоан смета дека добрите, пријателски односи, исполнети со доверба и почит може да бидат основа за натамошена соработка. „Со претседателот Иванов разменивме информации за состојбите во двете земји, ги оценивме билатералните односи во изминатиот период, разговаравме за меѓународните и регионални прашања кои се од заемен интерес. Веруваме дека во блиска иднина традиционално добрите пријателски односи меѓу Виетнам и Македонија позитивно ќе се развиваат во многу области и на сите нивоа. Разговаравме за конкретните мерки за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете земји и мултилатералните односи во наредниот период", изјави Заменик претседателот на Виетнам.

Двајцата соговорници констатирале дека на мултилатерално ниво постои тесна комуникација меѓу двете земји и оти е постигната согласност за натамошно зајакнување на соработката во рамки на ООН, УНЕСКО и Франкофонските организации. Оваа е прва прва посета на висок виетнамски државен претставник на Република Македонија, а се случува во период кога двете земји одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
vietnam_3

  Back<<Назад