Писмо до Претседателот Обама на годишнината од нападите на 11 септември
Сабота, 11 Септември 2010   

По повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држава, Барак Обама. Следи текстот на писмото:
Почитуван г-дине Претседател,
На 9-годишнината од терористичките напади што го потресоа целиот свет, се придружувам кон единственото чувство дека настаните од тој ден не смеат никогаш да бидат заборавени. Девет поминати години не можат ја избришат грозоморната трагедија од 2001 година.
Никогаш не смее да се заборави чувството на згрозување, страв и жалење. Никогаш не смеат да се заборават невините жртви кои го загубија животот. Никогаш не смее да се заборави начинот на кој меѓународната јавност жалеше заедно со Вашата голема нација и начинот на кој светот покажа солидарност со Америка во борбата против тероризмот.
Затоа, дозволете ми да оддадам почит за илјадниците невини животи во овие терористички напади. Сеќавајќи се на овој ден, моите мисли и молитви се со нивните семејства и пријатели, со Вас почитуван Претседателе и со пријателскиот народ на Соединетите Американски Држави.
Американскиот народ има пријатели и Република Македонија е еден од тие верни и докажани пријатели и партнери. Борбата за мир, слобода и подобра иднина за целото човештво е далеку од завршена. Македонија ќе продолжи со истата посветеност да дејствува за постигнување на овие цели, што се потврдува и со ангажманот на нашите воени сили во Авганистан за унапредување на развојот и стабилноста на оваа земја.
Ви ги упатувам, почитуван Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов

  Back<<Назад