|
По повод празникот Осми септември, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов доби честитки од голем број шефови на држави од светот. Во честитката на Претседателот на Република Франција Никола Саркози до Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов се поздравува визната либерализација за македонските граѓани за патувањето во Европската Унија и се наведува: Убеден сум дека ќе продолжите со неопходните реформи, посебно во областа на судството и борбата против корупцијата во дух на дијалог и консензус, за да се премине во нова етапа. Франција ја поддржува Македонија и сака да и помогне за што сведочи вниманието кое го искажуваме кон билатералната соработка во придружувањето кон европската интеграција. Нејзиното Кралско Височество, британската кралица Елизабета Втора, во својата честитка по повод Денот на независноста Осми септември до Претседателот Иванов порачува: Ми претставува особена чест и задоволство да Ви го честитам државниот празник, Денот на независноста, со најискрени желби и честитки за среќа и просперитет на Владата и народот на Република Македонија. Претседателот на Република Турција Абдула Ѓул ги испрати своите најискрени честитки по повод Денот на независноста. Не се сомневам во тоа дека нашите пријателски односи и блиска соработка кои својата сила ја црпат од историските врски и заеднички вредности и цели, во наредниот период ќе продолжат да се развиваат и да бидат поразновидни. Уште еднаш сакам да го подвлечам значењето на елиминирањето на билатералните проблеми како прашања од дневен ред на регионалните иницијативи како и зацврстувањето на климата на балканската соработка во процесот на интегрирањето со евроатланските структури и дека во тој правец ги поддржуваме ставовите на Македонија – пишува понатаму во честитката на Претседателот Ѓул по повод Осми септември. Луис Игнасио Лула да Силва, Претседател на Бразил, по повод празникот Осми септември, ги пренесува своите најискрени честитки, со желби за просперитет на Вашата земја и граѓани. Пал Шмит, Претседателот на Унгарија, во честитката упатена до Претседателот Иванов, го изразува своето големо задоволство што во изминатите години контактите на високо ниво меѓу Македонија и Унгарија се интензивирани, и додава: Во остварувањето на стремежите за придружување на Македонија во НАТО и во Европската Унија, Република Македонија како и досега, и во иднина може да смета на мојата поддршка. Искрено посакувам Вашите напори во исполнувањето на задачите кои Ви претстојат што поскоро да бидат крунисани со успех. Неговото кралско височество Мухамед Шести, Крал на Мароко, во честитката по повод Денот на независноста на Република Македонија изразува надеж дека и во иднина ќе се соработува на највисоко ниво за проширување на односите на пријателство и соработка меѓу двете земји, во взаемно полза на народите. Претседателот на Казахстан Нурсултан Назарбаев испрати честитка до Република Македонија по повод Денот на независноста во која истакнува дека е убеден оти натамошниот развој на конструктивно партнерство меѓу Казахстан и Македонија ќе биде засновано врз взаемното разбирање и пријателските односи на нашите народи.
|