Средба со претставници од градот Темпе, Аризона
Четврток, 05 Јуни 2014   

tempeПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими претставници  на  градот Темпе, Аризона (САД), кои во земјава престојуваат по повод Првата Балканска конференција за збратимени градови, што се одржува од 5 до 7 јуни во Скопје.

Претседателот Иванов и претставниците на градот Темпе ја поздравија севкупната соработка помеѓу градот Скопје и градот Темпе, од збратимувањето во 1971 година до денес, чин што претседателот Иванов од денешен аспект го оцени како визионерски.

„Визијата на Темпе сосема природно се надополни со вековната традиција на отвореност со кои се одликува Скопје и Македонија. Од таа среќна комбинација произлегоа бројни проекти и размени но, уште поважно, многу пријателства од двете страни на Атлантикот. Тоа претставува сигурен влог во пријателските и партнерски односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. Верувам дека во наредните децении, ова партнерство само ќе се продлабочува и проширува со нови содржини“, рече претседателот Иванов.

Градот Темпе од Аризона се збратими со Скопје во јули 1971 година и тоа беше прво збратимување на град од САД со град од Источна Европа. Претседателот Иванов го посети градот Темпе во април 2013 година.



  Back<<Назад