Претседателот Иванов присуствуваше на инаугурацијата на украинскиот претседател Порошенко
Сабота, 07 Јуни 2014   

poroshenko1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска во Киев присуствуваше на инаугурацијата на новоизбраниот украински претседател г. Петро Порошенко, на која учествуваат делегации од околу 60 држави.

На свечената церемонија во Киев присуствуваат и претседателите на Сојузна Република Германија, Република Австрија, Република Словенија, Република Албанија, Република Полска, Република Литванија, Романија, Швајцарската Конфедерација, Грузија и на Република Молдавија. На премиерско ниво се претставени Јапонија, Канада, Република Бугарија, Република Латвија, Република Естонија. Меѓу високите гости е и американскиот потпретседател, г. Џозеф Бајден, како и претседателот на Европскиот совет, г. Херман Ван Ромпуј. Руската Федерација, пак, ја претставува амбасадорот во Киев, г. Михаил Зурабов.

Откако ја положи свечената заклетва пред Врховната Рада, новиот украински претседател се сретна со македонскиот претседател Иванов.

Претседателот Иванов на украинскиот претседател Порошенко, му го честиташе стапувањето на функцијата и му посака успех. Двајцата претседатели изразија подготвеност за натамошно јакнење на традионално пријателските односи меѓу Република Македонија и Украина, како и за интензивирање на соработката, како на билатерален, така и на мултилатерален план. По стабилизацијата на состојбата во Украина, договорено е да продолжи политичкиот дијалог, и интензивирање на соработката пред се во сферата на економијата, трговската размена и инвестициите. Претседателот Порошенко истакна дека очекува во наредниот период да се отвори нова страница во украинско-македонските односи.

Во разговорите претседателот Иванов го искажа ставот дека Република Македонија ги поддржува сите обиди што можат да донесат мир и стабилност во Украина.

„Пред претседателот Порошенко го искажав моето убедување дека Украина преку дијалог, со политички и дипломатски средства, ќе успее да се справи со предизвиците и ќе продолжи по патот на обезбедување просперитетна иднина на своите граѓани. Дополнително, радува фактот што вчера во Франција дојде до средба на господинот Порошенко со рускиот претседател Путин", изјави претседателот Иванов во Киев.

Политичките односи меѓу двете земји од нивното осамостојување ги карактеризира дух на пријателство, доверба, отсуство на отворени или спорни прашања, како и соработка во повеќе области од заемен интерес.

Украина е значаен економски и трговски партнер на Република Македонија, со која имаме склучено договор за слободна трговија од 2001, како и договори за заштита и потикнување на инвестиците, за одбегнување на двојно оданочување, и договор за реципрочен слободен визен режим за граѓаните на двете земји. Двете земји имаат голем потенцијал за интензивна економска соработка, во рамките на веќе уредената правна рамка, особено договорот за слободна трговија, кои се сеуште недоволно искористени.

Учеството на инаугурацијата беше можност за средби, разговори и размена на мислења и информации со дел од учесниците.

Претседателот Иванов во разговорите со Претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, се задржа на состојбата на евроатланските интеграции за Република Македонија и можностите за нивна деблокада, како и за претстојната средба во рамките на Брдо Процесот. Во разговорите со полскиот претседател г. Бронислав Коморовски и австрискиот претседател г. Хајнц Фишер, претседателот Иванов искажа очекување за полска и австриска подршка во деблокадата на ЕУ и НАТО интеграциите. Претседателот Иванов, за време на церемонијата на инаугурација, имаше краток разговор и со американскиот потпретседател г. Џозеф Бајден, на кој ја побара подршката за заземање на заслуженото членство на Република Македонија во НАТО. Македонскиот претседател се сретна и разговараше за регионалната соработка со албанскиот претседал г. Бујар Нишани, а се сретна и со претставниците на Совет на Европа и ОБСЕ, г. Торбјорн Јагланд и г. Ламберто Заниер.

poroshenko2

  Back<<Назад