|
Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга г-ѓа Маја, утрово присуствуваа на Светата Златоустова литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски" во Скопје, по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.
На литургијата присуствуваа и претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, претседателот на Владата, г. Никола Груевски во придружба на своите сопруги, како и претседателката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г-ѓа Валентина Божиновска.
„Дозволете ми на сите верници да им го честитам овој празник. На верниците од православната црква, католичката црква и евангелско-методистичката црква. На сите нив да им посакам многу радост, многу среќа во животот. Посакувам овие празнични денови да ги поминеме во семејна хармонија, сложно и единствено. Како што сме сите сплотени во овие празнични денови, така да бидеме во текот на целата година. Да им се посветиме на нашите семејства, особено на нашите деца. Да ги даруваме со многу љубов и многу радост. Христос Воскресе", изјави претседателот Иванов по завршување на литургијата.
По Светата Златоустова литургија, претседателот Иванов, претседателот на Собранието, претседателот на Владата, и претседателката на Комисијата, беа примени од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, кој ги послужи со велигденски јајца.

|