Прием на џез-музичари по повод Меѓународниот ден на џезот
Среда, 30 Април 2014   

jazz0По повод Меѓународниот ден на џезот - 30 април, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов прими истакнати џез-музичари од земјава и од странство, како и претставници на единственото џез радио во Република Македонија „Џез ФМ".

Претседателот Иванов им го честиташе роденденот на џез музичарите и истакна дека како и досега, така и во идина ќе продолжи да ја поддржува џез музиката и да ја поттикнува промоцијата на џез културата во Република Македонија.

Македонскиот претседател, како голем љубител и познавач на џез-музиката, со џез-музичарите разменија мислења околу одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот, за актуелните случувања на домашната и светската џез-сцена, како и за севкупната креативност со која се одликува овој вид на музика.

Музичарите му честитаа на претседателот Иванов за победата на претседателските избори, и посочија дека задоволството е големо што и во следните пет години на чело на државата ќе биде човек кој е љубител и поддржувач на џез-музиката. Воедно, изразија благодарност за континуираните средби и признанија со кои претседателот Иванов ги уважува, како и за џез-настанот за афирмација на џез културата во Република Македонија кој беше организиран минатата година од страна на Кабинетот на Претседателот, во вилата „Водно".

Во ноември 2011 година, УНЕСКО официјално го прогласи 30 април за Меѓународен ден на џезот, со цел да ја потенцира неговата значајна улога и мисија на обединување на луѓето ширум светот.

jazz2

  Back<<Назад