|

На свечена церемонија, денеска на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов му беше доделен сертификат за членство во Светската академија на науките и уметностите. Сертификатот на македонскиот претседател му го врачи проф. д-р Иво Шлаус, претседателот на Светската академија на науките и уметностите.
Сертификатот за членство во Светската академија на науките и уметностите на претседателот Иванов му се доделува како признание за исклучителни научни и општествени достигнувања и постојана посветеност на целите за глобална човекова благосостојба, мир и одржлив развој.
На свеченоста, на која присуствуваа академици, претседателот на Светската академија на науките и уметностите проф д-р. Иво Шлаус истакна дека му оддаваат чест на личност која прави две важни работи за академијата и светот.
„Академијата му придава огромно значење на образованието, особено на високото образование. Светот денес е многу поразличен од пред 50 или 100 години и токму затоа треба да бидеме подготвени за овој свет. За таа цел ни требаат лидери. Професор Иванов направи напори да развие токму вакво лидерство и да ги научи младите луѓе преку конкретни случаи како да се справуваат со проблемите што го преокупираат светот", нагласи Шлаус.
„Претседателот Иванов е исклучителен научник и истакнат политички лидер на неговата земја, кој придонесува за регионалниот и светскиот мир, просперитет и глобална благосостојба и развој“, рече во обраќањето проф. д-р Иво Шлаус додавајќи дека активностите и достигнувањата на претседателот Иванов ги потврдуваат неговите извонредни квалификации за избор за членство во Светската академија на науките и уметностите и дека академијата во голема мера ќе има корист од активностите, идеите и лидерството на претседателот Иванов.
За претседателот Иванов, огромна чест и привилегија е да се биде член на Светската академија на науките и уметностите. Признанието, како што рече, не е само за него, туку и за македонската наука и за сите оние што се посветени на академскиот живот, но и поттик за помладите кои само со посветност може да го достигнат недостижното.
„Ова нека биде пример за сите мои помлади колеги, секогаш да имаат цел во животот и да го достигнат она што во младоста е недостижно. Секогаш кога имаат цел, да се посветат на тоа, затоа што тоа некој го следи и вреднува, рече претседателот Иванов, посакувајќи Светската академија на науките и уметностите да продолжи со својата мисија и да ги обединува сите умови кои заеднички ќе му понудат на светот многу повеќе просперитет и благосостојба на човештвото.
Македонскиот претседател порача дека треба да се инвестира во иднината и во младите лидери кои ќе се справуваат со сите предизвици со кои се соочува светот.
„Како нов член на Академијата посакувам сите оние искуства и сознанија што ние како мала земја, нација и народ сме ги совладале, да ги пренесеме и на другите и да се користат како позитивни искуства за да може да живееме во еден поубав и попросперитетен свет исполнет со среќа и радост", истакна претседателот Иванов.
Светската академија на науките и уметностите е меѓународна невладина научна организација, светска мрежа на членови избрани за истакнати постигнувања од областа на природните и општествените науки, уметноста и хуманистички науки. Членови на Светската академија на науките и уметностите се реномирани научници, уметници, претседатели на истражувачки институти и меѓународни организации, добитници на нобелова награда, бизнис лидери, политичари и државници.

|