|
Деловниот објект Сектрон – најуспешно реализирано архитектонско дело за 2013 година
|
|
|
Деловниот објект „Сектрон" на архитектотот Јана Гугуловска – Ѓорѓевиќ и консултантите Билјана Филиповска и Катица Стоева од проектантското биро „Студио 2000" е најуспешното реализирано архитектонско дело за 2013 година.
Наградата ја врачи претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, којшто традиционално е покровител на доделувањето на наградата.
„Им посакувам на главните градители оваа награда да им биде, на некој начин, сатисфакција и да биде поука за другите, затоа што главните градители ги наградуваме за да ги почитуваме и нивните дела да ги спроведуваме, да бидат тие закон, или lege artis – закон на занаетот", рече претседателот Иванов.
Заблагодарувајќи се за наградата, архитектот Гугуловска – Ѓорѓевиќ рече дека при создавањето на награденото дело чувствувала одговорност кон граѓаните на Скопје да добијат еден објект којшто би бил репрезентативен.
„Ова го доживувам како круна на она што претходно го работев, но и аманет за сето она што следно ќе го сработам како проектант", рече архитектот Гугуловска – Ѓорѓевиќ.
Свеченото доделување на наградата е во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
|