|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на почетокот на следната година по четврти пат ќе го додели признанието „Најдобар млад научник".
Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник" за 2013 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато научни резултати што придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиена меѓународна награда, меѓународно или домашно признание за научно-истражувачка дејност, резултатите од научното истражување да биле објавени во релевантно домашно или меѓународно списание и да имаат своја применетост.
Проектот „Најдобар млад научник", инициран од страна на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, има за цел да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.
„Преку овој проект се воспостави традиција за избор на најдобар млад научник на годишно ниво, што претставува поттик на младата научна и истражувачка мисла во Република Македонија. Доделувањето на признанието претставува валозирација на заложбата на претседателот Иванов за поддршка на науката, научните установи, младиот научен кадар, како и за изнаоѓање на начини за стимулирање на вложувањата во науката", вели проф. д-р Атанас Кочов, претседател на Комисијата за доделување на признанието „Најдобар млад научник".
Признанието „ Најдобар млад научник" беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на м-р Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада.
Во 2011 година признанието му беше доделено на д-р Трифче Сандев, кој своето високо образование го има стекнато на Институтот за физика, на Природно-математичкиот Факултет – Скопје, каде и ја одбрани неговата докторска теза.
Во 2012 година признанието „Најдобар млад научник" беше доделено на д-р Катерина Бачева, која своето високо образование го има стекнато на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет.
Апликацијата треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2013 година со кои се конкурира и доказ за државјанство на Република Македонија.
Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија најдоцна до 31.12.2013 година.

|