Претседателот Иванов прими претставници на Мрежата на правни факултети од Југоисточна Европа
Петок, 08 Ноември 2013   

SEELS1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска прими претставници на SEELS – Мрежа на правни факултети од Југоисточна Европа.

Станува збор за регионална организација на 13 правни факултети од Република Македонија, Република Албанија, Република Хрватска, Босна и Херцеговина, Република Србија и од Црна Гора, чиј центар е на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, институција што го иницираше нејзиното формирање.

На средбата претседателот Иванов беше запознаен со досегашната работа на организацијата, чија цел е размена на знаења и искуства во областа на правните науки, вмрежување на студентите и професорите по право од Југоисточна Европа, спроведување на заеднички проекти, како и соработка со водечките европски и меѓународни образовни институции од областа на правото.

Претседателот Иванов изрази задоволството од постигнатото ниво на соработка во рамки на мрежата, оценувајќи дека претставува позитивен пример за регионална соработка, што може да биде применет и во други сфери. Претседателот Иванов, на претставниците на правните факултети од регионот им посака натамошен успех во работата и продлабочување на меѓусебната соработка, во корист на општествата од регионот.

SEELS2

  Back<<Назад