|
Средба на претседателот Иванов со Танг Лимин, директор на Комисијата за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими г. Танг Лимин, директор на Комисијата за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан.
На средбата со кинеската делегација предводена од г. Лимин, претседателот Иванов го поздрави интересот на кинеската провинција за соработка со Република Македонија и ја реафирмираше подготвеноста на Република Македонија за интензивирање на економската соработка и зголемување на надворешно-трговската раземна со НР Кина, што е во насока на јакнење на традиционално добрите пријателски односи и продлабочување на меѓусебната доверба.
„Посебно не радува фактот што за време на мојата посета на НР Кина заеднички беше констатирано дека односите и соработката меѓу двете земји никогаш не биле на повисоко ниво. Особено задоволство е што постојат огромни потенцијали и можности за натамошно продлабочување на економската соработка. Првиот чекор е секако преку директна комуникација меѓу бизнис-секторот. Токму вашата посета е потврда за тоа," истакна на средбата со кинеската делегација претседателот Иванов.
На средбата стана збор и за неодамнешната посета на претседателот Иванов на Народна Република Кина, во чии рамки македонскиот претседател во Ченгду, во провинцијата Сичуан, оствари повеќе посети на кинески компании. Во оваа прилика, македонскиот претседател изрази задоволство од реализираната посета, како и од повторната средба со г. Лимин.
Директорот на комисија за развој и реформи на кинеската провинција Сичуан, се заблагодари за приемот и гостопримството од страна на претседателот Иванов и го потврди интересот на кинеските компании за инвестирање во Република Македонија, како и интересот за партнерство со македонски фирми во заеднички проекти. Директорот Танг Лимин упати честитки за постигнувањата и напорите на Владата на Република Македонија во креирањето на поволен бизнис амбиент за привлекување на странските инвеститори. Воедно, го информираше претседателот Иванов за планираните активности за наредниот период.

|