|
Со спортско – културната манифестација во Општина Аеродром денеска беше означен крајот на едногодишниот проект „Социјална и етничка интеграција преку спортот - Спортски бон-тон", кој беше спроведен под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.
Претседателот Иванов изјави дека со посета на општина Аеродром завршува еден исклучително значаен проект, со кој седум општини од различни делови на Македонија имаа можност да ги воведат децата во заеднички живот и да учат за различностите.
„Преку учење на спортот овие млади луѓе учеа и како да се однесуваат во животот, да ја почитуваат нашата различност, бидејќи посетија различни етнички, религизони и јазични средини, другаруваа меѓу себе и учеа како треба да се однесуваат во животот и во спортот - дека во спортот постои натпревар и секогаш по него треба да му се честита на победникот за успехот. Младите секојпат треба, и на трибините и на терените, да знаат да се однесуваат како и во ова другарување. Тоа е влог во иднината, зашто децата шират познанства и учат за предизвиците со кои ќе се соочуваат во животот", истакна претседателот Иванов.
Американскиот амбасадор Пол Волерс изјави дека е добро децата да се научат на добро спортско однесување, да работат заедно како тим, без оглед од каде доаѓаат, од која заедница, националност или религија.
„ Во следните години тие ќе бидат оние кои заедно ќе ја градат иднината на Македонија", истакна амбасадорот Волерс. Градоначалникот на Аеродром Ивица Коневски изјави дека целта на проектот е да ги поттикне децата да спортуваат и, како што рече, да ги потсетат на традиционалните детски игри што денеска се заборавени.
„Децата денеска играат на компјутери, така што целта на оваа манифестација е да ги натераме да излезат на улица и да ги практикуваат игрите од минатото, да го практукуваат спортот, да израснат во силни индивидуи, да научат фер-плеј, како се победува и како се губи", истакна градоначалникот на Аеродром.
Носител на проектот беше Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал", а покрај Аеродром беа вклучени и општините Кавадарци, Росоман, Дебар, Центар Жупа, Теарце и Валандово. Тие партнерски го реализираа проектот „Спортски бон-тон" и со поддршка на Амбасадата на САД во Македонија.
Негова цел е промовирање на спортот како општествена активност и низ игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност да се зацрврстуваат меѓуетничките односи.
На новинарско прашање дали очекува до крајот на декември да се постигне решение за спорот со името, со оглед на шпекулациите дека двете земји се блиску до решение, претседателот Иванов денеска изјави дека не е ниту песимист, ниту оптимист, туку е реалист во однос на спорот за името и можноста за негово решавање.
„Додека сум на ова функција никогаш не сум бил песимист, ниту оптимист, секојпат сум бил реалист. И ако сме реалисти, ја знаеме изјавата на господинот Нимиц кој е најдобро информиран во целиот процес, така што немам ништо ни да додадам ни да одземам на изјавата на господинот Нимиц", рече претседателот Иванов. Прашан дали ќе се кандидира за уште еден претседателски мандат, македонскиот претседател рече дека „кога ќе дојде моментот, ќе им ја соопшти одлуката на граѓаните".
За изјавата на Ахмети што ја пренесоа некои медиуми дека нема да го поддржи на претседателските избори, претседателот Иванов одговори дека не знае за таква изјава на лидерот на ДУИ.
Во врска со можноста за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски, ако биде поведена таква процедура од Министерството за правда, претседателот Иванов рече дека ќе се постапува според законите и Уставот.
„Додека сум на оваа функција никојпат ниту сум коментирал судски одлуки, ниту мислам да коментирам. Она што е во согласност со законите и Уставот го почитувам. Така што секоја процедура која постои во законите, стриктно се придржувам кон неа. Имаме во Кабинетот комисија која ги разгледува сите прашања и кога ќе дојде иницијативата, ќе донесе одлука која јас ќе ја прифатам во согласност со ставовите што ќе дојдат од Министерството за правда", изјави претседателот Ѓорге Иванов.

|