|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, по повод смртта на г-дин Тадеуш Мазовјецки, поранешниот премиер на Република Полска, упати писмо со сочувство до претседателот на Република Полска, г. Бронислав Коморовски.
„Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на поранешниот Премиер на Република Полска, еден од предводниците на „Солидарност" и прв демократски премиер по падот на комунизмот, господинот Тадеуш Мазовјецки. Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за полскиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да Ви упатам изрази на искрено сочувство. Господинот Мазовјецки ја прошири борбата за слобода, демократија, човекови права и човеково достоинство и надвор од родната Полска, застапувајќи се за достоинството на државите и народите кои ги правеа своите први чекори кон демократијата, вклучително и Република Македонија", се вели во писмото со сочувство од претседателот Иванов до полскиот претседател Коморовски.
„Сакам да Ве уверам, почитуван Претседателе, дека во сеќавањата на граѓаните на Република Македонија ќе останат врежани спомените за господинот Мазовјецки, кој, во својство на специјален претставник на Обединетите нации за човекови права во извештаите од 1994 година бараше од Советот на безбедност на Обединетите нации да издејствува итно прекинување на неправедното грчко ембарго кон Република Македонија. Во мугрите на нашата независност, господинот Мазовјецки го бранеше правото на македонските граѓани на самоидентификација и достоинство. Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот полски народ и до семејството Мазовјецки", се вели писмото со сочувство од претседателот Иванов до полскиот претседател Коморовски.
По повод смртта на г. Мазовјецки, претседателот Иванов денеска се потпиша во книгата на жалост во Амбасадата на Република Полска во Скопје.
Мазовјецки, во улога на специјален претставник на Обединетите нации за човекови права за земјите од поранешна Југославија, промовираше позитивен однос кон Република Македонија во првите години од нејзината независност.
Тој, во 1994 година од Советот за безбедност на Обединетите Нации побара итен прекин на грчкото ембарго кон Република Македонија, и надоместување на загубите на нашата држава.
Во 2002 година во интервју за „Утрински весник", Мазовјецки ја оспори употребата на привремената референца за именувањето на Република Македонија.
„Одлуката Македонија да се нарекува со референцата ФИРОМ едноставно е варварска. Не може таков назив "поранешна". Во името не може да биде "поранешна република", тоа никаде го нема. Не е сретнато никаде", изјави тогаш Мазовјецки.
Во 2006 година, Мазовјецки јавно му честита и му се заблагодари на тогашниот американски претседател Џорџ Буш за одлуката за признавање на уставното име на Република Македонија.
„Доколку пред десетина години немаше аргументи за оправдување на ова бесмислено име, тогаш уште повеќе ги нема денес! Бидејќи Македонците докажаа дека ги ценат мирот и стабилнноста, дека немаат никакви големодржавни амбиции, дека рамноправно ги третираат сите свои граѓани, без оглед на нивната националност, дека сакаат да соработуваат со сите соседи, дека се наклонети кон компромиси, дека иако се сиромашни, знаат да им помогнат и на посиромашните, дека го исполнуваат договореното. Што треба уште да докажат", оцени Мазовјецки во 2006 година.
Во интервју за „Дојче Веле" во 2012 година, по повод неговиот 85 роденден, Мазовјецки уште еднаш го истакнува своето несогласување со грчкото противење на уставното име на Македонија.
„Уште тогаш не сфатив зошто ја понижуваат таа мала земја, оспорувајќи и' го правото да се нарекува Македонија. Мислам дека Грците во ова прашање се малку пречувствителни, а меѓународната заедница во основа и натаму ја понижува Македонија со тоа што се согласува со вештачкото име. Јас не се согласувам со тоа", рече Мазовјецки за „Дојче Веле" во 2012 година.
Своите позитивни ставови за Македонија Мазовјецки ги реафирмираше и во интервју за хрватски „Јутарњи лист" во 2012 година.
„Би ја споменал само и Македонија, која и понатаму ги чувствува последици од тој несреќен конфликт со Грција околу името. Кога ги пишував своите извештаи, секогаш за таа држава го користев името Македонија, поради што Грците редовно протестираа и бараа да се користи називот поранешна југословенска Република Македонија. За мене тој грчки став беше понижување на малата и млада држава, што сигурно не би се користел ако во прашање беше некоја голема држава. Таквото однесување едноставно не беше добро", изјави Мазовјецки во интервју за хрватски „Јутарњи лист" во 2012 година.

|