Претседателот Иванов на бизнис средби во Ченгду, пројавен интерес за инвестирање во Македонија
Четврток, 24 Октомври 2013   

DONGFANG1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на работната посета на Народна Република Кина, во Ченгду, во провинцијата Сичуан, имаше средби со раководствата на две големи компании заинтересирани за соработка со Македонија.

На средбите присуствуваше и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции г-дин Џери Наумоф.

Станува збор за Dongfang Electronic Corporation, една од најголемите компании на глобален план која произведува делови за хидро, термо, ветерни и нуклеарни централи и China Railway engineering group, чии претставници веќе биле во Република Македонија на средби со владини претставници.

Раководството на компанијата Dongfang Electronic искажа интерес за можностите за инвестирање во Република Македонија во хидро, термо и алтернативни извори на енергија, како ветерници и соларни колектори за крупните енергетски проекти и планови.

DONGFANG2Исто така, пројавија интерес и за поволностите за инвестирање во слободните економски зони со цел изградба на фабрика за делови и евентуално сончеви колектори. Притоа, најавија и скорешна посета на Република Македонија.

Менаџерскиот тим на China Railway искажа интерес за инвестирање во големи инфраструктурни проекти, како железница и гасификација, а пројавија интерес и за слободните економски зони.

Договорено е наскоро домаќин во Република Македонија да им биде министерот Џери Наумоф, за одблиску да ги видат постојните слободни зони, но и можностите за изградба на нова слободна економска зона само за кинески компании.

Претходно, претседателот Иванов и министерот Наумоф во Ченгду ја посетија и базата за производство на автомобили на Geely Automobile Holdings, која произведува „Волво".

creegc

  Back<<Назад