|

„Целта на оваа акција е децата од мали нозе да научат како да се натпреваруваат, како да го почитуваат противникот, како да играат фер и да ги почитуваат правилата, оти она што важи како правило во спортот, важи и во животот", изјави претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска во Дебар каде се одржа спортско-културната манифестација, „Спортски Бон-тон", додавајќи дека овој проект не е само едукативен, туку придонесува за зближување и меѓусебно почитување на децата, кои доаѓаат од различни средини.
„Дебар е вековен пример за соживот и за меѓусебно почитување на различни религии, на различни етнички групи. Така што, преку овој проект само ја потврдуваме таа традиција. Дебар да продолжи да биде позитивен пример и децата кои дошле од другите општини да се запознаат со своите другарчиња, да спортуваат и преку спортот да го учат бон-тонот, затоа што овие деца се и натпреварувачи, меѓутоа и седат на трибините и ги гледаат спортските натпревари", рече претседателот Иванов како покровител на проектот.
Задоволство од учеството во овој проект изрази и градоначалникот на Дебар.
„Денеска ни е гостин во градот Дебар, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и тоа ни претставува голема чест. На овој настан ги собравме децата од седум општини на Република Македонија, и чест ни е да го поминеме денот сите заедно со Претседателот на Република Македонија", изјави градоначалникот на Дебар, Ружди Љата.
Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал", во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.
„Целта на оваа акција е сите чинители да се чувствуваме како едно, поаѓајќи од децата, па се до нашиот врвен авторитет, претседателот на Република Македонија. Да ги надминеме нашите разлики на било која основа и преку спорот како алатка тоа да го контролираме. Спортот може да биде одговор на сите негативни девијации кои постојат во едно општество, токму преку вакви акции и настани. Драго ми е што како наш сојузник го имаме претседателот Иванов" , изјави Иван Анастасовски, претседател на „Глобал" .
Проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)" има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.
За време на денешната посета на Дебар, претседателот Иванов ја посети и фабриката „Кнауф" за производство на гипс.

|