|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети манастирот Трескавец во Општина Прилеп.
Македонскиот претседател за време на престојот во манастирот ја посети црквата „Успение на Пресвета Богородица", каде беше запознат со историјатот на манастирскиот комплекс.
Во придружба на митрополитот преспанско-пелагониски, г. Петар и епископот хераклејски, г. Климент, претседателот Иванов ги посети и остатоците од манастирските конаци, што изгореа во пожар во февруари годинава.
Пред претседателот Иванов беа претставени активностите што се превземаат во насока на нивна обнова.
„Ова е сведоштво за многу епохи, за многу генерации, за многу кои наоѓале утеха во Бога, наоѓале во овој амбиент место кадешто се себеосознавале. Така што, сведоштвата во темелите на манастирот и фрескоживописот кажува дека и во минатото манастирот имал слични непогоди, меѓутоа секој пат луѓето биле сплотени и биле солидарни, знаеле да помогнат, да се обнови, да се изгради. Така што, одговорност на оваа генерација е, кои сме сега свидетели на ова, да ја покажеме повторно нашата солидарност за да оставиме идните поколенија да се сеќаваат на нашата хуманост, на нашата помош и на нашата верба во Бога", изјави претседателот Иванов за време на посетата на манастирот Трескавец.

|