Претседателот Иванов на „Спортски бон-тон“ во општина Теарце
Понеделник, 30 Септември 2013   

tearceПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов заедно со амбасадорот на САД, Пол Волерс денеска присуствуваа на спортско-културната манифестација што се одржа во адаптираната сала на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ" во општина Теарце.

Целта на проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот - Спортски Бон-Тон" е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацрврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

„Проектот „Спортски бон - тон" продолжува со што им се дава можности за дружење на учениците од различни краеви на државата, но истовремено младите да научат како да постапуваат и како натпреварувачи и како гледачи и тоа да го применуваат во своите средини. Ова е можност за заемно запознавање на децата од различни општини бидејќи Теарце е одличен пример на соживот на различни етнички и верски заедници поради што денеска имаме и претставници и на верските заедници. Сакаме младите да ја запознаат сета различност во Македонија и да учат, да се почитуваат меѓусебе и разбираат и заедно да растат во еден поинаков амбиент што ќе им овозможи заемна комуникација, другарување и заедничко чуствување на сето она што го имаме како држава", рече претседателот Иванов, кој е и покровител на проектот.

terace1Амбасадорот Волерс им се заблагодарам на претседателот Иванов, градоначалникот на општина Теарце и организацијата „Глобал" за нивната напорна работа на Спортски бон-тон.

„Сметам дека тоа е вистински пример на спортско однесување и како младите да работат заедно. Американската амбасада со гордост го поддржува овој одличен проект на „Глобал" низ цела Македонија преку кој се учи за спортското однесување, толеранцијата и како да се работи како тим и кај децата и во државата во целина", изјави Волерс.

Градоначалникот на општина Теарце, Исен Асани рече дека го информирал претседателот Иванов за состојбите во општината и проблемите со кои се соочуваат во работењето.

„Денешниот дождлив ден е уште еден аргумент дека во Теарце недостасува сала и добив ветување од претседателот Иванов дека од следната година ќе започне изградба на спортска сала за потребите на жителите на општината", рече Асани.

Носител на проектот е Здружението за развојни иницијативи - Геостратешки институт „Глобал" во партнерство со општините вклучени во неговата реализација – Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и Теарце.

tearce2

  Back<<Назад