Претседателот Иванов оствари средба со претседателот на „Газпром“ Алексеј Милер
Среда, 04 Септември 2013   

gazpromПретседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оствари средба со претседателот на „Газпром", г.Алексеј Милер, кој ја предводи делегацијата на руската компанија.

На средбата, претседателот Иванов го поздрави потпишувањето на договорот за вклучување на Република Македонија во „Јужен тек" кој треба да обезбеди енергетска стабилност на земјава во следните децении.

„Приклучувањето на Македонија кон еден од најзначајните гасоводни коридори во Европа претставува голема поддршка на енергетскиот систем на Република Македонија и поддршка на компаниите на кои што им е потребен гас и долгорочно снабдување со енергија", истакна на средбата претседателот Иванов.

На средбата, претседателот на „Газпром" го запозна претседателот Иванов со досегашниот тек на реализирање на проектот, со плановите за негова понатамошна реализацијата и со конкретните чекори за негова операционализација.

Македонскиот претседател изрази очекување дека соработката меѓу Република Македонија и Руската Федерација ќе продолжи да се унапредува и во иднина, не само во енергетскиот сектор, туку и во останатите области од заеднички интерес, преку реализирање на други конкретни проекти.

Претседателот на „Газпром", г. Алексеј Милер, изрази задоволство од поддршката која претседателот Иванов континуирано ја дава за соработката меѓу Република Македонија и „Газпром" и истакна дека Република Македонија е влезена во развојните планови на „Газпром", при што покрај постоечките проекти, „Газпром" има интерес во иднина да ја разгледа можноста и за други инвестиции во Република Македонија.

  Back<<Назад