|
Евроинтеграцијата на Република Македонија и регионот и помошта која се очекува од Република Хрватска по нејзиниот влез во ЕУ за забрзување на целиот процес, беа во фокусот на разговорите на денешната средба во Скопје на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов и претседателот на Република Хрватска, д-р Иво Јосиповиќ.
Двајцата претседатели нагласија дека зачленувањето на Македонија и на регионот во ЕУ е од стратешки интерс, нема отворени прашања помеѓу македонската и хрватската држава, но и дека и од економски и од политички аспект е особено важно да се работи и на постојните заеднички проекти и на почнување нови.
- Македонија и Хрватска се пријателски држави кои немаат отворени прашања И меѓусебно се почитуваат, за што сведочи денешната посета. Се надеваме дека Хрватска ќе продолжи со нејзината конструктивна улога и заложби за интегрирање на нашиот регион во ЕУ, рече претседателот Иванов на прес-конференција по тет-а-тет средбата со претседателот Јосиповиќ.
Македонскиот претседател истакна оти се надева дека ќе продолжи иницијативата со Брдо процесот и оти регионот ќе стане дел од ЕУ со вложување заеднички напори и со помош од Хрватска и од Словенија. Со Јосиповиќ, како што рече, разговарале и за продлабочување на трговската размена, економската соработка и потенцијалите на двете држави.
Претседателот Јосиповиќ укажа дека по влезот на Хрватска во ЕУ тргнал во посета на регионот за да повтори го стратешкиот интерес не само на Хрватска туку и на цела Европа - Европа да биде цела, односно сите оние земји кои и историски, економски и културно и припаѓаат на Европа тоа да бидат и во формална смисла.
- Со големи симаптии и поддршка гледаме на напорите на Македонија да ги исполни сите предуслови и услови за членство во НАТО и во ЕУ. Хрватска во политичка и во секоја друга смисла ги поддржува тие напори, рече хрватскиот претседател.
Освен политичката поддршка за заедничката иднина, како што наведе, многу е важна и билатерната соработка, економската, културната, научната...
- Со задоволство констатирам дека нашите влади соработуваат одлично и дека има се повеќе идеи и проекти кои ги зближуваат нашите две земји. Денес кога европската криза го притиска цела Европа и регионот отворањето нови проекти и работни места е особено важно за сите нас, не само од економска гледна точка, туку и од политичка, наведе Јосиповиќ.
Со неговиот домаќин разговарале за користа на регионот и на цела Европа од реализација на стратешките европски проекти, како што е т.н Јадранско- јонската иницијатива и можниот автопат, од што има големи очекувања. - Се надевам дека нашите влади заедно со останатите ќе го поддржат тој проект, ќе го презентираат пред ЕУ и ќе пристапат кон негова реализација, нагласи Јосиповиќ.
На новинарско прашање каква ќе биде позицијата на Хрватска на декемврискиот совет на ЕУ за прашањето на Македонија, хрватскиот претседател рече дека ќе поддржат секаква иницијатива за која ќе постои согласност на Македонија со Грција, но и дека хрватскиот пријателски однос и со Македонија и со Грција може да ја направи поволна климата на договарање.
- Со оглед на тоа како функцинираат НАТО и ЕУ секогаш е потребно да се најде консензус. Со оглед на тоа ние го поттикнуваме консензусот и ќе го поддржиме секое решение кое и оди во прилог на Македонија. Секако ние имаме многу добри односи и со Грција и сигорно и такви ќе останат и можеби е тука всушност добра позцијата на Хрватска со пријателски односи и со Грција и со Македонија климата на договарање да ја направи поволна, наведе Јосиповиќ.
Посетата на Република Македонија е дел од мини турнејата на претседателот Јосиповиќ низ регионот. Пред доаѓањето во Македонија ја посети Црна Гора, а од Скопје ќе отпатува во Косово.

|