|
Рамазан е месец посветен на благородни дела – претседателот Иванов присуствуваше на Традиционалната Ифтарска вечер во Скопје
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вечерва во Скопје присуствуваше на Традиционалната Ифтарска вечер во организиција на Демократската Партија на Турците во Македонија.
Обраќајќи се пред присутните претставници на јавниот и политичкиот живот, дипломати, бизнисмени и претставници на граѓански асоцијации и здруженија, претседателот Иванов рече дека рамазанските пости го означуваат духот на вековната традиција на исламот во Република Македонија.
„Заедничкото живеење и запознавањето меѓу луѓето и народите подразбира меѓусебно почитување. Почитување кое е возможно само ако се надминуваме едни со други во добрина. Ако се натпреваруваме во милосрдието, во помошта што им ја даваме на луѓето. Токму Рамазан е месец посветен на овие благородни дела. Месец во кој не мислиме само на себе и на нашите потреби, туку и на другите, на нашите соседи, роднини и пријатели. Во овие мигови на празнување посакувам кај сите верници од исламската вероисповед да преовладува чувството на мир, љубов и меѓусебно разбирање. Да преовладуваат вредностите кои ги зближуваат и поврзуваат, а не ги разделуваат луѓето и народите", рече претседателот Иванов во своето обраќање.
„Република Македонија посветено ја негува вековната традиција на соживот. Традиција втемелена врз искуството на нашето многуетничко, многујазично и многурелигиско општество кое со векови овозможувало мирна коегзистенција меѓу религиите. Традиција што создаде цврсти пријателства меѓу луѓе од различни религии. Традиција која претставува наша голема придобивка со која се гордееме. Придобивка која покажува дека живееме според европските принципи и дека местото на нашата земја ѝ е во рамките на европското семејство на нации и држави. Уште еднаш вам, присутните, и на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, ви ги честитам рамазанските пости", рече претседателот Иванов во своето обраќање на вечерата.

|