Постигнат е договор за надминување на политичката состојба - заедничка средба кај претседателот Иванов во присуство на ЕУ
Петок, 01 Март 2013   

Постигнат е договор за надминување на политичката состојба, со што евроагендата се враќа повторно во приоритетите на земјата, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по заедничката средба со Еврокомесарот за проширување на Европската унија г. Штефан Филе, известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент, г. Ричард Ховит, поранешниот претседател на Европскиот парламент г. Јиржи Бузек, претседателот на Владата на Република Македонија, г. Никола Груевски и претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, г. Бранко Црвенковски.

„Се постигна договор на оваа заедничка средба што ја имавме со власта и опозицијата и во присуство на нашите партнери и пријатели од Европската унија. Морам да искажам задоволство од позитивниот однос на лидерите и на власта и на опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Република Македонија. Сакам да искажам благодарност за учеството на претставниците од ЕУ, од Европската комисија и Европскиот парламент, што вложија многу напор, и благодарност што Македонија и во вакви моменти има пријатели кои мислат на иднината на Македонија", изјави претседателот Иванов.

Точките од постигнатиот договор во име на Европската унија ги презентираше г. Ховит, кој меѓу другото изрази благодарност до лидерите на политичките партии и до претседателот Иванов за неговите заложби и напори со цел да се постигне заедничко решение.

„ Задоволни сме што политичките лидери покажаа политичка одговорност и овозможија да се постигне договор со кој ќе се обнови функционирањето на институциите и ќе продолжи конструктивната работа на евроатлантската интеграција што е во најдобар интерес за земјата и за народот. Се надеваме на имплементација на договореното со што земјата повторно се враќа на патот кон евроатлантската интеграција, ќе се интензивира процесот на реформите, а Европскиот парламент и Европската комисија ќе можат да продолжат со подготовката на извештаите за земјата. Овој договор фрла светлина, но се надевам и верувам дека не е постигнат премногу доцна ", изјави г. Ховит.

Согласно договорот, страните се согласуваат за враќање на нормалниот политички живот, сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори. Воедно, страните се согласуваат  за  поддршка на непосредните клучни реформски мерки, вклучително и:

- подобрување на функционирањето на Собранието, вклучувајќи ја и иницијативата на Претседателот за формирање на ад хок Анкетна комисија (која би ги разгледала, меѓу другото, настаните на и пред 24. декември, вклучувајќи ја и нивната уставност, обезбедувањето во и надвор од Собранието и преглед на собраниските процедурални правила), резултатите од кои би биле се рефлектирале во Извештајот за напредокот од страна на Европската Комисијата кој ќе биде објавен во есента 2013 година. 

-изборна реформа, по локалните избори, вклучително и во однос на избирачкиот список (на пример пост-изборна ревизија на списокот) и други препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.
-слобода на изразување, на пример продолжување на дијалогот со новинарите, воден од Здружението на новинари, и други мерки за изградба на довербата.

Одговорајќи на новинарско прашање дали постигнатиот договор подразбира можност и за одржување предвремени парламентарни избори, известувачот за Република Македонија одговори потврдно, без прејудицирање на временската рамка за тоа.

„На прашањето дали овој договор вклучува предвремени парламентарни избори, мојот одговор е да. Договорот опишува, но без никаква прејудицирање. Како претставник на ЕП сум авторизан да го дадам ова толкување и во име на ЕК. Додека што се однесува на временската рамка јас нема да одговорам на тоа прашање и ќе останам на тоа што го кажав", изјави известувачот за Република Македонија во Европскиот парламент.

  Back<<Назад