|
Претстојните избори, изборните модели, состојбите во Парламентот, меѓународното право, пресудата од Хаг и нејзиното влијание врз прашањето за името, беа темите за кои се интересираа и поставуваа прашања студентите од Правниот факултет во Кичево,каде претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска одржа предавање на тема „Владеење на правото".
„Кај овие студенти како идни правници, кои се веќе навлезени во тајните на занаетот, оваа тема предизвика голем интерес и со оглед на прашањата кои ги поставуваа и тоа што го констатираа, станува збор за една научна установа во која пред се гледам голем просперитет. Иако темата „Владеење на правото" е апстрактна и обемна, секогаш се сведува на она што е наш реален живот, на сите предизвици кои ги делиме и со кои се соочуваме, на теми кои ги среќаваме секојдневно и затоа студентите пројавуваат интерес за нив ", изјави претседателот Иванов додавајќи дека со задоволство ја прифатил поканата да биде нивни гостин.
Претседателот Иванов оствари средба и со деканот на Правниот факултет, д-р Илија Тодоровски, кој го запозна Претседателот со наставните програми и функционирањето на факултетот и на која беше дискутирано за процесите во високото образование во Република Македонија.
На новинарско прашање, како го коментира назначувањето на новиот министер за одбрана и протестите кои се случија како реакција за неговиот избор, претседателот Иванов изјави:
„Навистина се уште се свежи сеќавањата на она што се случуваше во Македонија во 2001 - та и многу рани не се залечени од тој конфликт. Затоа e чувствителна темата и неговиот избор предизвика такви реакции. Меѓутоа, јас како Врховен командант им порачувам на сите што се во Армијата и надвор од Армијата, дека не треба да се грижат за Армијата. Во мојот мандат се сменија тројца министри, но Армијата остана тоа што е. Секогаш со највисоки оценки и запример во извршување на сите обврските во земјите каде сме поканети. Ќе се сменат многу министри, врховни команданти, претседатели на држави, но Армијата ќе остане тоа што била и ќе зацврстува и секогаш ќе биде пример како другите институции да функционираат".
Запрашан какви се изгледите Македонија годинава да добие датум за почеток на преговори, со оглед на тоа дека се надмина политичката состојба, претседателот Иванов изјави дека очекува Македонија после четири позитивни извештаи да го добие заслужениот датум за преговори.
„ Она што е наша обврска е да го исполнуваме, иако наруши и ни одзема многу време оваа тн. политичка криза. Сепак, со она што го остваруваме и ако локалните избори поминат во најдобар ред ние заслужуваме да добиеме датум, затоа што тоа ни припаѓа , тоа нема да го добиеме како подарок. После четири добиени позитивни извештаи, датумот е нешто што и припаѓа на Република Македонија", изјави македонскиот претседател за време на посетата на Кичево.
|