Иванов – Бан Ки-мун: Со добра волја и конструктивен пристап на двете страни можен е напредок во разговорите за името
Среда, 27 Февруари 2013   

BamKiMun„Процесот за надминување на разликите за името трае предолго, но со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи напредок”, оцени Генералниот секретар на ОН Бан Ки - мун на средбата со претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, што се одржа денеска во Виена.
На средбата, што се одржа на маргините на 5. Глобален форум на Алијансата на цивилизациите на ОН,  претседателот Иванов и Генералниот секретар разменија информации и мислења за процесот што се води во ОН за надминување на разликите околу името, по последните средби на медијаторот Нимиц во изминатиот период.

Претседателот Иванов ја поздрави зголемената динамика во процесот и истакна дека Република Македонија активно и конструктивно како и досега така и сега учествува во процесот со добра волја да се дојде до заемно прифатливо решение.

„До такво решение е можно да се дојде доколку и другата страна има ист пристап и доколку стриктно се придржува до рамката во која се водат разговорите”, нагласи  претседателот Иванов повторувајќи го барањето од последната средба, Генералниот секретар да го вложи својот авторитет и согласно обврските од резолуциите на Советот за безбедност, да не дозволи процесот да излегува надвор од воспоставената рамка од двете страни.

Генералниот секретар Бан Ки-мун  истакна дека процесот трае предолго и изрази надеж дека со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи прогрес.

Генералниот секретар на ОН изрази благодарност до претседателот Иванов за вниманието кое го посветува на Алијансата на цивилизациите и благодарност за придонесот што Република Македонија го дава преку регионалната иницијатива за Дијалог на цивилизациите уште од 2003 година. На интерес на Генералниот секретар Бан Ки Мун, претседателот Иванов го запозна со состојбите во регионот.

На средбата присуствуваше и новиот специјален пратеник за Алијансата на цивилизации на ОН  Назир Абдиулазис Ал Насер. Македонскиот претседател му го честита изборот и го запозна со иницијативата на поранешниот претседател Борис Трајковски од 2003 за Дијалог меѓу цивилизациите, која покажа исклучителни резултати во регионот на Југоисточна Европа, како и за подготовките за одбележување на 10 годишнината од првиот самит која ќе се одржи во Охрид на почетокот на јуни. Договорена е натамошна соработка, помош и поддршка на планот на Алијансата и дијалогот на цивилизациите. Специјалниот пратеник изрази подготвеност за дирекна комуникација на тие проекти.

  Back<<Назад