|
Средба со Горан Свилановиќ, Генерален секретар на Советот за регионална соработка
|
|
Понеделник, 04 Февруари 2013
|
|
|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Горан Свилановиќ, Генерален секретар на Советот за регионална соработка.
Македонскиот претседател упати честитки до г. Свилановиќ за преземањето на функцијата Генерален секретар на Советот за регионална соработка и изрази уверување дека одличната соработка ќе се развива во континуитет, како за време на македонското претседавање со Просецот за соработка во Југоисточна Европа, така и во иднина.
На средбата беа разменети мислења во врска со реализацијата на целите на македонското претседавање со ПСЈИЕ, кои се во насока на градење на свеста на регионот за потреба од заеднички пристап кон намалување на ризиците од катастрофи и адаптација кон климатски промени. Во таа насока, претседателот Иванов изрази задоволство од експертската помош што Советот за регионална соработка ја обезбедува во процесот на изработка на концептот за Самитот на ПСЈИЕ.
Двајцата соговорници воедно ја констатираа значајната улога на Советот за регионална соработка во обезбедување на европска и евроатлантска интеграција на регионот. Во тој контекст, претседателот Иванов ја истакна идејата за формирање на Фонд за иднината во рамките на ПСЈИЕ, како механизам за продлабочување на соработката во регионот, што ќе обезбеди фондови за образовни, научни, културни, медиумски и други проекти што промовираат добри односи, соработка, взаемно разбирање и толеранција.
|