Претседателот Иванов одржa предавање на Универзитетот Џорџтаун во Доха и го посети Паркот на науката и технологијата
Вторник, 29 Јануари 2013   

Со предавањето на тема „Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите“ на Универзитетот Џорџтаун во Доха, претседателот на Република Македонија, д-р  Ѓорге Иванов, ја заврши официјалната посета на Државата Катар.

Балканот и Заливот се крстосници на цивилизаците кои биле направени од империите, трговијата, културата и религијата. Тоа се места каде цивилизациите не се судираат, туку комунцираат, разменуваат и се поврзуваат создавајќи плодна почва за дијалог меѓу цивилизациите, истакна претседателот Иванов. Македонскиот народ, како што посочи тој, секогаш бил на страната на мирот и заедништвото.

Општествата на Балканот се мултиетнички, како резултат на долгиот период на опстојување на империите на овој простор. Македонија живеела и живее во светот на различноста почитувајќи го она што ни е оставено во наследство. Животот не научил на соживот, толеранција и меѓусебно помагање, рече македонскиот претседател. Република Македонија, како што додаде претседателот Иванов,  е посветена на меѓукултурниот и меѓурелигискиот дијалог.

Нашата посветеност ја покажуваме преку градење и развивање на блиски и пријателски односи со земји кои припаѓаат на различни цивилизации и на билатерално и на мултилатерално ниво. Нашиот мултиетнички и мултирелигиски демократски модел е извор на голем креативен потенцијал - мост за взаемно разбирање, почитување и соживот, нагласи претседателот Иванов.

Говорејќи за претстојниот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, чиј домаќин оваа година ќе биде Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека токму дијалогот меѓу религиите и културите е основниот инструмент за надминување на предрасудите и стравот и за зближување и разбирање меѓу луѓето. Во својот говор, Претседателот ја потенцираше идејата за отворен простор, кој нуди оторање на пазарот и можност за успех.

Европската идеја е мировен проект и затоа сите ние што живееме на Балканот се надеваме дека со интегрирање во Европската унија, конечно доаѓа мирот на овие простори. Со ЕУ доаѓаат европски стандарди, критериуми и принципи, и кога сето тоа ќе се почитува, граѓаните ќе имаат правна сигурност и желба за потрага по среќа. Се додека сме надвор од тој отворен простор, како што додаде, ние сме подложни на меѓусебни конфликти, недоверба и нетрпеливост, истакна  претседателот Иванов. Македонскиот претседател  во предавањето посочи дека најголемо богатство на секоја држава се нејзините луѓе и оти е потребно да се почитуваме меѓу себе.

Ако се инвестира во образованието на луѓето, ако се овозможи комуникација, толеранција кон другиот, ако се почитуваме меѓусебно, тогаш доаѓа периодот на мир, нагласи Иванов и додаде дека конфликтите се резултат на отсуство на комуникација, нетолерантност и меѓусебно непочитување. Потенцирајќи ја важноста на образованието на младите, претседателот Иванов во оваа прилика покани двајца студенти од „Џорџтаун“ универзитетот да бидат учесници на следната „Школа за млади лидери“,  што под негово покровителство се одржува секоја година во Охрид. Предавањето на претседателот Иванов го најави Емир Хасановиќ, синот на македонскиот амбасадор во Катар, кој е единствен студент од Република  Македонија на овој универзитет.

Македонската делегација предводена од претседателот Иванов, денеска го посети и Паркот на науката и технологијата во Доха. Овој Научно-технолошки парк ги развива технологиите во енергетиката, животната средина, здравството и информатичко-комуникациските технологии. Научно-технолошкиот парк се простира на 15 милиони метри квадратни и е признаен како мотор за истражување, иновации и претприемаштво во Катар.

Претседателот Иванов и министерот Сарачини остварија средба и со генерaлниот директор на „Групацијата Катара“ која се занимава со хотелиерство, На средбата беше договорено, во март, Република Македонија да ја посети делегација од Катар, при што се очекува да се конкретизираат одредени проекти. Министерот за економија, Ваљон Сарачини, изјави дека и при денешната посета на претседателот Иванов на повеќе институции и невладини организации во Доха,  разговарано е токму за конкретни проекти во насока на продлабочување на економската соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар.

  Back<<Назад