|
Формирање Мешовит комитет за економска соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар и во најскоро време отворање амбасада во Скопје, е исходот од денешната средба во Доха меѓу претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов и катарскиот емир, Хамад бин Калифа ал-Тани. Воедно, на средбата беа разменети мислења и информации за досегашните билатерални односи и за можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји во сите сфери од заеднички интерес. Посебен акцент беше ставен на можностите за развивање на економската соработка. Претседателот Иванов информираше дека вршителот на должност, Мохамед бин Рашид Хамад Сабих, веќе е во Скопје и ги прави сите подготовки амбасадата на Катар да биде отворена во најкратко време. До пред само три години немавме склучено никаква билатерална спогодба со Катар. По интензивните контакти правната рамка меѓу двете земји е оформена, а во таа насока денеска е потпишан и Меморандумот за разбирање во сферата на туризмот, изјави по средбата со Емирот ал-Тани, претседателот Иванов.
Македонскиот претседател и Емирот од Државата Катар разговараа за катарски инвестиции во Република Македонија, при што како што нагласи претседателот Иванов бил пројавен интерес за соработка во сферата на високото образование, како и во областа на културата што се должи на неодамнешната посета на КУД Танец на Доха. Оваа посета е во функција на одржување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и се надевам дека економската соработка која ја потикнуваме во најкраток период ќе ги даде своите резултати, изјави претседателот Иванов. Со цел натамошно унапредување на договорната рамка меѓу двете држави, покрај Меморандум за разбирање за туристичка соработка меѓу двете земји, беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу стопанските комори на Република Македонија и на Државата Катар. Во официјалната делегација предводена од претседателот Иванов е и министерот за економија Ваљон Сарачини.
Во рамки на официјалната посета, претседателот Иванов оствари средба и со Премиерот и Министер за надворешни работи на Катар, Шеик Хамад бин Џасмин бин Џабор Ал-Тани. Централна тема на средбата со катарскиот премиер беа можностите за развој на економската соработка. Без разменети мислења за конкретни потенцијални проекти во кои би можело да се инвестира, од сферата на инфраструктурата и енергетиката, туризмот и земјоделието. Премиерот и Министер за надворешни работи на Државата Катар ја повтори подготвеноста за инвестирање во Република Македонија во наведените области и ја истакна желбата во наредниот период да ја посети Република Македонија. Претседателот Иванов истакна дека добрите политички односи во наредниот период треба да се валоризираат и конкретизираат со конкретни економски проекти. Воедно, македонскиот претседател изрази очекување дека ќе продолжат контактите меѓу двете држави на тој план.
За време на престојот во Државата Катар, претседателот Иванов ќе го посети и Универзитетот Џорџтаун, каде ќе одржи предавање на тема „ Балканот и Заливот: крстосница на цивилизациите". Ова претставува прва официјална посета на претседателот Иванов на Катар, на покана од Емирот Шеик Хамад бин Калифа ал-Тани, а која се реализира после дводневната официјална посета на Емирот на Државата Катар на Република Македонија, на 17 и 18 октомври 2011 година.
|