|
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление-Водици, присуствуваше на свечениот чин на фрлање на крстот во осветените води во Валандово и во Гевгелија.
Претседателот Иванов истакна дека празнувањето на Водици претставува традиција за нашиот народ, и изрази задоволство што со текот на годините неговото одбележување на југот на Македонија прераснало во регионална манифестација на која присуствуваат граѓани од сите општини во околината. На сите оние што ќе бидат најсреќни им го честитам фаќањето на крстот, со желба да бидат среќни преку целата година, но и да ја споделуваат среќата со другите, истакна Претседателот Иванов, додавајќи дека празничните обичаи овозможуваат да се помине време со блиските и заеднички да се прослави. На свечениот чин на одбележување на Богојавление-Водици на градскиот базен во Валандово, осветениот крст го фати Даниел Занов, на кого претседателот Иванов му подари уникатен крст изработен со македонски рубини. Занов истакна дека благодарение на тоа што бил најбрз и најсреќен меѓу учесниците, успеал да си ја исполни најголемата желба – да го фати крстот, но и нагласи дека ќе продолжи и понатаму да учествува на свечената манифестација. На празнувањето на Богојавление-Водици во Гевгелија, најсреќен беше Илија Ѓорѓиев од с.Мрзенци, кој крстот од осветените води на реката Вардар го фати по вторпат. Многу сум среќен, моето чувство ќе го споделам со сите жители на општина Гевгелија. Светиот крст ќе го однесам во сите христијански домови за да им донесе на моите сограѓани здравје и среќа во новата година, изјави Ѓорѓиев. Претседателот Иванов честитајќи го празникот на сите православни верници, на најсреќните им посака многу здравје и среќа и им упати порака, уникатниот крст секогаш да ги потсетува на овој голем ден. Богојавление-Водици е празник кој го одбележува крштевањето како еден од столбовите на христијанството, во чест на денот кога Свети Јован Крстител го покрстил Исус Христос. Чинот на фаќање на крстот означува соединување на човекот со Христа, па оттука се верува дека носи многу здравје, среќа и благосостојба.
|