|
Претседателот Иванов ја врачи Големата годишна награда за најуспешно архитектонско дело
|
|
|
Трговскиот центар Skopje City Mall, на архитектите Грегори Ибанез, Звонко Тасевски, Крсте Петров и консултантот Илија Божиновски од фирмата ДСЦ Дизајн, е најуспешното реализирано архитектонско дело за 2012 година.
Големата годишна награда за архитектура, вечерва беше врачена од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој е нејзин традиционален покровител.
Во своето пригодно обраќање, претседателот Иванов истакна дека Македонија може да се пофали со значајна традиција на македонски градители, чии градби се познати пошироко во регионот.
„Македонската архитектура претставува одраз и на традициите, вредностите и светогледот на македонскиот народ, па оттука секоја генерација архитекти има предизвик и обврска да ја усовршува и збогатува сликата на македонската архитектура. Одговорноста не е само кон нашите современици, туку и кон идните генерации. Впрочем, тие исто така ќе бидат сведоци на она што ние сме им го оставиле како архитектонско наследство,“ истакна претседателот Иванов, притоа упатувајќи честитки до овогодинешните добитници на наградата.
Свеченото доделување на наградата го организира Асоцијацијата на архитекти на Македонија, во рамки на традиционалната новогодишна средба на архитекти. Големата годишна награда, годинава беше доделена по 36-ти пат, а истата претставува преглед на архитектонските дела во тековната година и валоризација на најуспешното достигнување во архитектурата.
|