ТИКА на претседателот Иванов му додели Плакета за успешната соработка и унапредување на односите со Турција
Петок, 21 Декември 2012   

Во името на Tурската агенција за координација и соработка (ТИКА), министерот за надворешни работи на Република Турција, Ахмет Давутоглу, на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов му додели Плакета за успешната соработка и напорите за унапредување на односите помеѓу двете земји.

„Упатувам благодарност до сите кои ја дадоа својата помош и поддршка за реализирањето на активностите и проектите на ТИКА во Република Македонија. Меѓутоа, мојата благодарност, пред сè, ја упатувам до големиот пријател на Република Турција, почитуваниот претседател на Република Македонија, господинот Ѓорге Иванов,“ истакна турскиот министер Давутоглу, потсетувајќи дека од 2003 година наваму ТИКА го има помогнато развојот на Република Македонија со над 30 милиони американски долари.

Турскиот министер за надворешни работи нагласи дека Македонија ја доживува на исто ниво како и Турција, и целата помош и поддршка преку проектите на ТИКА спроведени во Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Радовиш и други градови, се знак на големото пријателство меѓу двете земји.

Претседателот Изванов во оваа свечена прилика оддаде признание за сите иницијативи на Tурската агенција за координација и соработка и истакна дека ТИКА е навистина мост кој ги зближува двете земји.

„Имаме големо заедничко минато, но пред сè, имаме и голема заедничка иднина. Верувам дека во иднина ќе бидеме и пообединети и поблиски, да си помагаме меѓу себе и да го негуваме сето она што е позитивно од заедничкиот живот што сме го имале со векови наназад,“ нагласи македонскиот претседател.

Тој воедно и посака на ТИКА да продолжи со ист интензитет да ги помага сите проекти во сферата на образованието, заштитата на културата, негувањето на сета онаа традиција која ни е оставена во наследство.

„Секојпат со гордост истакнувам дека во Македонија турската заедница е дел од севкупното наше општество во кое се негува мултиетничоста, мултирелигиозноста и мултијазичноста. И во оваа прилика, на припадниците на турската заедница им го честитам Денот на образованието на мајчин јазик и негувањето на турскиот јазик,“ посочи претседателот Иванов.

Во рамките на свеченоста беше организирана и изложба на тема „ТИКА и образованието во Македонија“ и „ТИКА – Гордост на Турција во светот“, како дел од активностите со кои се одбележуваат 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Турција.


  Back<<Назад