|
Претседателот Иванов додели „Повелба на Република Македонија“ за златниот јубилеј на ПЕН центар
|
|
Четврток, 20 Декември 2012
|
|
|
За афирмација на македонската книжевност и култура во светот во петте децении од своето постоење и активност, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на Македонскиот ПЕН-центар го додели високото признание „Повелба на Република Македонија“.
На церемонијата на врачување на признанието, на која присуствуваа академици и книжевници - членови на оваа асоцијација, претседателот Иванов истакна дека Македонскиот ПЕН центар во изминатите 50 години рамноправно создаваше и соработуваше со другите ПЕН центри во светот, здружени во Меѓународниот ПЕН центар.
Токму светскиот ПЕН центар, нагласи Претседателот, беше првата меѓународна асоцијација, воопшто, која на својот конгрес одржан во 1992 година усвои посебна Резолуција со која се признава правото на македонскиот народ на сопствено име, јазик и култура.
„За жал и по две децении од оваа Декларација, и по векови и децении творештво на македонски јазик, по безброј преводи, книги и списанија, сè уште се наоѓаат негатори на македонскиот јазик и на сето она што е создадено на македонски јазик. Негацијата на еден јазик е негација и на неговите говорители, на творците кои создаваат на тој јазик. Тоа е негација на основните вредности на човечката цивилизација,“ посочи претседателот Иванов по повод доделувањето на ова признание.
Македонскиот претседател уште и додаде дека со своите активности и дела, членовите на македонскиот ПЕН центар несомнено придонесоа тој да биде еден од најфреквентните мостови за поврзување на македонската книжевност и култура со европската и светската култура.
Претседателот на Македонскиот ПЕН центар Ристо Лазаров се заблагодари на слухот на претседателот Иванов за влогот што го даде Македонскиот ПЕН центар сите овие 50 години во афирмацијата на македонскиот збор и литература.
„Признанието им припаѓа на сите генерации на Македонскиот ПЕН, од неговото формирање до новопримените членови од пред само еден месец,“ истакна Лазаров. Македонскиот ПЕН центар е формиран на 20 декември 1962 година и од тогаш до денес низ неговите редови минале и свој влог оставиле голем број истакнати македонски книжевници и автори. Во својата пет децениска историја Македонскиот ПЕН објави повеќе антологии на македонската поезија и проза на англиски и француски јазик.
|