|
Предавање на Најдобриот млад научник за 2011, Сандев на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип
|
|
Понеделник, 17 Декември 2012
|
|
|
Добитникот на признанието „Најдобар млад научник“ д-р Трифче Сандев одржа предавање и пред студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ова престижно признание што го доделува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, Сандев го доби за 2011 година.
Темата на предавањето од сферата на физиката и математичката физика, беше поврзана со истражувањето за кое Сандев се стекна со титулата „Најдобар млад научник“. На студентите им беа презентирани дел од неговите научни резултати на темата физичко моделирање за природните појави.
„Наградата беше добиена за физичко моделирање на некои природни појави. Најразлични дифузиони појави што се среќаваат во природата ги опишуваме со помош на равенка. За некои експериментални резултати што можат да се сретнат во научната литература се обидуваме да најдеме некој теориски модел и истите да ги опишеме,“ посочи Сандев.
Тој изрази надеж дека интересот за пријавување на млади научници и оваа година ќе биде голем. Истовремено, студентите Универзитетот „Гоце Делчев“ можеа да добијат повеќе информации околу условите за конкурсот за добивање за најпрестижната награда за наука во Република Македонија.
Конкурсот за избор на „Најдобар млад научник“ за тековната 2012 година е во тек, со краен рок за пријавување до 31 декември, и е отворен за сите млади луѓе до 30 години кои се бават со наука и во текот на годината постигнале одреден научен резултат, а кои имаат желба преку нивните научни истражувања да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Претседателот Иванов ја воспостави практиката за доделување на ова признание, следејќи ја неговата програмска определба за поддршка на науката, научните установи и истражувања. Со благовремената поддршка на сите млади кои се занимаваат со наука и со верификација на нивните постигнувања, инвестираме во иднината и развојот на Република Македонија, смета претседателот Иванов.
|