Децата од Домот „11 Октомври“ ја накитија новогодишната елка во домот на семејството Иванови
Недела, 16 Декември 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и неговото семејство, во својот дом ги пречекаа 15-тината дечиња од Домот за деца без родители „11 Октомври“, на возраст од 3 до 11 години, и заедно со нив ја украсија новогодишната елка во претседателската резиденција „Вила Македонија“.

Во салонот на резиденцијата одекнаа детските гласови кои воодушевено ја пееја новогодишната песничка „Елко, елко“, а првата дама г-ѓа Маја, направи сè за децата да се чувствуваат како дома.

„Чинот на китење на новогодишната елка претставува радост како за секое дете, така и за нас возрасните. Тоа е чин којшто го обединува целото семејство во пресрет на новогодишните и на божиќните празници. Сакавме да го отвориме нашиот дом за оние деца на коишто судбината не им дозволила да ја почувствуваат родителската љубов и барем на миг да бидат дел од една таква пријатна и топла родителска атмосфера,“ истакна г-ѓа Иванова.


Првиот лампион на елката го закачи најмалиот од нив Максут, а го следеше неговата врсничка Габи, со помош на синот на Претседателот, Иван, кој ги подигна в раце за да ги достигнат највисоките гранки на новогодишната елка. Семејството Иванови изрази надеж дека со овој гест успеаја да исполнат барем една желба на децата без родители, и да им овозможат топла семејна атмосфера.

„Денешното доаѓање во нашиот дом јас го сметам за еден мал придонес во доближување на родителската љубов до овие деца, со цел тие да почувствуваат дека не се исфрлени од општеството, да почувствуваат дека некој се грижи за нив и во иднина да израснат во добри граѓани на оваа држава,“ нагласи Првата дама на Република Македонија, г-а Иванова.

Покрај дружбата и китењето на новогодишната елка, претседателот Иванов на своите гости им подари новогодишни пакетчиња. Дечињата имаа можност да се запознаат и да се дружат и со семејниот љубимец, шарпланинецот Алек. Тие уживаа и во веселата атмосфера која синот на Претседателот, Иван, ја дополни со својата гитара, свирејќи песни од Тоше Проески.


  Back<<Назад