Најдобриот млад научник за 2011, Трифче Сандев одржа предавање пред студентите од техничките науки
Четврток, 13 Декември 2012   

Добитникот на признанието „Најдобар млад научник“ за 2011 година, д-р Трифче Сандев, вечерва во Народната канцеларија на Претседателот во Скопје, одржа предавање од областа на физиката и математичката физика, односно како некои појави во природата, коишто се случуваат во комплексни системи, можат да се опишат со математичко-физички модели. Токму во таа сфера Сандев го спроведе истражувањето кое му го донесе престижното признание „Најдобар млад научник“, кое традиционално го доделува претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Голем број млади истражувачи, од средните училишта и факултетите, кои пројавуваат интерес кон природните науки, електро-техниката, информатичките науки и компјутерското инженерство, имаа можност да се сретнат со Трифче Сандев и одблиску да се запознаат со неговата научно-истражувачка работа, а воедно и да ги согледаат критериумите кои треба да ги исполнува потенцијалниот добитник на признанието „Најдобар млад научник“.

Д-р Сандев е вработен во Дирекцијата за радијациона сигурност, преку конкурсот на Владата на Република Македонија во 2006 година за вработување на 100-те најдобри студенти во државата. Автор е на дваесеттина научни и стручни трудови од областа на математичката физика и статистичката физика, од кои повеќето се објавени во референтни меѓународни списанија со фактор на влијание. Резултатите од својата докторска дисертација Сандев досега ги презентирал во рамки на повеќе меѓународни конференции и семинари.

Конкурсот за избор на „Најдобар млад научник“ за тековната 2012 година е во тек, со краен рок за пријавување до 31 декември, и е отворен за сите млади луѓе до 30 години кои се бават со наука и во текот на годината постигнале одреден научен резултат, а кои имаат желба преку нивните научни истражувања да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Признанието „Најдобар млад научник“ беше прв пат доделено од страна на претседателот Иванов во 2010 година, на 28-годишниот магистер Никола Златанов, докторант на Универзитетот на Британска Колумбија, Канада, додека во 2011 година оваа титула ја понесе д-р Трифче Сандев. Воведувањето на ова признание има за цел  да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Според претседателот Иванов, инвестицијата во образованието и науката е најдолготрајна и најисплатлива. Со благовремената поддршка на сите млади кои се занимаваат со наука и со верификација на нивните постигнувања, инвестираме во иднината и развојот на Република Македонија.  Затоа, треба да ги поттикнеме и да ги охрабриме младите научници во нашата земја да ја насочуваат својата креативност и интелигенција кон иновацијата и развојот на нови технологии, смета претседателот Иванов.


  Back<<Назад