Зближување на земјите преку конкретна техничка соработка – средба со координаторот на ТИКА, д-р Махмут Чевик
Среда, 12 Декември 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими д-р Махмут Чевик, координатор на Tурската агенција за координација и соработка (ТИКА) во Република Македонија. 

Д-р Чевик и претставниците на ТИКА се заблагодарија за можноста да се сретнат со претседателот Иванов и да ги презентираат досега спроведените, како и тековните проекти на ТИКА, истакнувајќи дека поддршката од Претседателот, неговите идеи и заложби се од особена важност за нивното успешно имплементирање.

Како што нагласи д-р Чевик, во своето делување ТИКА ги зема предвид потребите и целите за развој на земјите и општествата во кои е присутна, и според тоа ги одредува полињата за соработка преку конкретни проекти и програми. Основната цел е да се даде суштински придонес во развојот и соработката во сферите на економијата, техниката, трговијата,  социјалната сфера, културата и образованието.

„ТИКА е еден од мостовите кои овозможуваат унапредување на односите и соработката меѓу двете пријателски земји – Македонија и Турција. Tурската агенција за координација и соработка придава особено значење на зближување на земјите преку конкретна техничка соработка,“ истакна координаторот на ТИКА, д-р Чевик.

Претседателот Иванов ги поздрави напорите на ТИКА за зајакнување на врските меѓу двете општества, како и успешноста на досега реализираните проекти во Република Македонија во областа на образованието, здравството, реставрацијата, развојот на земјоделството, финансиите, туризмот и индустријата.

Тој посочи дека искуствата на Република Турција се од големо значење за нашата земја, и изрази благодарност за техничката помош, образовните и советодавни активности на ТИКА во Република Македонија, кои, како што нагласи, дадоа значаен придонес во зајакнувањето на институциите, но и во одржувањето на блискоста на народите.

Претставниците на Tурската агенција за координација и соработка, изразија надеж дека оваа поддршка на највисоко ниво ќе придонесе кон натамошно успешно спроведување на целите и агендата на ТИКА, како и подготвеност за тесна и блиска соработка со сите институции во Република Македонија кои би имале придобивки од реализацијата на заедничките проекти.

Tурската агенција за координација и соработка (ТИКА) е дел од Претседателството на Владата на Република Турција, а во Република Македонија е присутна и функционира од 2005 година, со своја Канцеларија за програмска координација.


  Back<<Назад