|
Педесетина граѓани денеска во Народната канцеларија во Скопје имаа можност да се сретнат со претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов, да ги изнесат своите ставови и мислења за севкупните состојби во општеството, како и за проблемите со кои се соочуваат во секојдневниот живот и начинот на кој бараат заштита или остварување на одредени права и интереси.
Македонскиот претседател ги запозна граѓаните со активностите во вршењето на неговите уставни и законски надлежности и притоа даде свои оценки и мислења.
„Сите што сме избрани од граѓаните сме во функција на остварување на интересите на граѓаните. И секогаш поаѓам од тоа што е за нив од животен интерес, што е нивен приоритет. Сите овие средби се на некој начин и проверка на тоа што го работиме и остваруваме и колку е тоа во интерес на граѓаните,“ истакна претседателот Иванов.
Прашањата на граѓаните најмногу се однесуваа на проблемот со името, на меѓуетничкиот соживот, на невработеноста, но имаа и бројни предлози за подобрувања во многу општествени сфери.
„Мојата перцепција за претседателот Иванов е што не се работи за политичар кој главно ги штити интересите за покачување на неговиот рејтинг или во интерес на неговата партија, туку тој работи во интерес на својата држава како патриот и навистина чесно,“ истакна пензионерот Недан Јовановски, кој во оваа прилика го праша претседателот Иванов како странските државници гледаат на проблемот за името со Грција и дали ја разбираат состојбата во нашата држава.
Во одговорот претседателот Иванов му посочи дека во секоја прилика пред странските државници постојано инсистира на прашањата кои не засегаат и на решавањето на овој проблем. Претседателот додаде дека секогаш треба да се потенцира зачувувањето на нашиот идентитет.
„И јас го поддржувам тоа, бидејќи Претседателот е голем поборник за нашиот идентитет и затоа му порачав да продолжи така, а ние се гордееме со таков претседател,“ додаде пензионерот Јовановски.
По неколку претходни обиди Исмаил Бафтијари денеска успеа да се сретне со претседателот Иванов и притоа побара мислење од него за меѓуетничкиот соживот, но и за перспективата на младите луѓе и проблемот со невработеноста.
„Од одговорот сум задоволен. Видов дека Претседателот има разбирање за сите проблеми. Тој ми одговори дека во тек се инвестиции во Македонија, со што ќе се отворат нови работни места за граѓаните, а тоа ќе доведе до намалување и на невработеноста. Претседателот Иванов лично е вклучен и поддржува многу младински активности, дали во областа на спортот или образованието, и гледам дека ги разбира нивните проблеми,“ изјави студентот Бафтијари,“
Претседателот Иванов посочи дека порано имаше многу повеќе поплаки и претставки, најчесто за тоа како функционираат институциите, каде граѓаните наидуваат на проблеми во остварување на одредени права, но при последните средби сè повеќе изложуваат иницијативи, сугестии, идеи за одредени прашања.
„Најчесто секако тука е проблемот со името, идентитетот, нивните сфаќања како тоа влијае на нивниот живот. Има и многу корисни иницијативи за иновации кои ги оствариле, но не можеле да ги реализираат, и како може институциите за нив да се заинтересираат, за некои нивни иновации да се применат со можност да се отворат работни места. Еве денес имавме иницијативи како да се подигне квалитетот на образованието. Споделени беа искуства од луѓе кои целиот живот го посветиле на образованието,а кои сега се во пензија, но со целото нивно искуство даваа предлози за добробит на сите што живееме во Македонија,“ истакна претседателот Иванов.
Според Претседателот, со отворањето на Народните канцеларии во Скопје, Битола и Тетово се реализира неговата заложба за блискост и непосреден контакт со граѓаните на Република Македонија. Токму Народните канцеларии се еден од начините непосредно да се слушнат граѓаните, нивните идеи, сугестии, иницијативи и предлози.
„Тоа беше дел од мојата изборна програма, со цел да ја доближиме институцијата Претседател до обичниот граѓанин. И денот денеска е посветен токму на тоа, на средба со граѓаните. Оценките се позитивни, затоа што кај граѓаните се чувствува потребата да остварат личен контакт, не само преку дописите што ги доставуваат, не само преку претставките, туку имаат желба и за лична комуникација. Тоа нив им причинува лично задоволство, и е можност да ги искажат своите ставови, можност лично на шефот на државата да му пренесат сознанија од својот секојдневен живот. од нивните пријатели и колеги. Мислам дека ова е една добра иницијатива и добра практика, која гледам дека и другите институции ја применуваат, затоа што сепак тоа е, како што кажав на почетокот во функција на граѓаните пред сè,“ нагласи македонскиот рпетседател.
Тој им заблагодари на граѓаните за нивното денешно присуство, посочувајќи дека без нивниот конкретен придонес нема да биде возможно градењето на успешни и функционални политики.
На денешната средба на граѓаните со претседателот Иванов во Народната канцеларија во Скопје, меѓу останатите присуствуваа и дел од членовите на навивачката група „Комити“, кои пред македонскиот претседател ги претставија активностите кои тие ги спроведуваат, како и проблемите со кои се соочуваат. Во знак на благодарност за разбирањето покажано од страна на македонскиот претседател, навивачката група Комити на претседателот Иванов му подари шал и мациа со нивното лого.
Народната канцеларија во Скопје беше отворена во април 2010 година. Од нејзиното отворање досега е посетена од неколку илјади граѓани.
|